Синдикатот на вработените во „Влеча на возови“ при Железници Транспорт информира дека на 80 нивни колеги не им е продолжен договорот за работа и најавува дека доколку во најкус можен рок не се најде решение за нив, ќе го блокираат железничкиот сообраќај.
Во писмото испратено до јавноста, Синдикатот наведува дека овие работници им се потребни за нормално функционирање на компанијата.
– Како синдикат од за нас нејасни причини, Министерството за финансии кое е надлежно за давање на согласност за вработување, а со самото тоа и можност за продолжување на работниот ангажман на нашите 80 колеги од кои голем дел се извршен персонал, истото не го достави, така што заклучно со 31.12.2021 ги остави без работа, а нашата фирма без извршен персонал. Ние како фирма во последниов период сме дојдени до многу ниско ниво на егзистенција како финансиски, така и со вработени, и доколку во најкраток можен рок не се преземе нешто со нашите колеги кои останаа на улица, а се потребни на фирмата, како репрезентативен синдикат ќе бидеме приморани после божиќните празници да го блокираме железничкиот транспорт во знак на солидарност со нашите колеги кои ни се неопходни за секојдневно непречено и безбедно одвивање на железничкиот сообраќај, се вели во писмото.
Од Синдикатот информираат дека овие вработени се обучени и ги поминале и интерните обуки кои траат од шест до 12 месеци.