Имаме информации од свиркачи во НБРМ дека се врши притисок врз некои потенцијални купувачи, на кои им се нудат идни привилегии од страна на власта, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Предупредуваме да не се прави истата грешка како српскиот купувач при иницијалното преземање на Стопанска банка Битола. Јавно прашуваме дали Мицкоски врши притисок врз една странска банка? Какви врски има таа банка со неговите финансиери на лобистички услуги и дали постојат уште некои врски со државниот врв на земјата од која доаѓа? Доколку Мицкоски и гувернерот Славески не дадат одговори на овие прашања веднаш, очекуваме обвинителството да се огласи. Обвинителството мора да реагира“, рече тој.
Димитријевиќ го обвини гувернерот Трајко Славевски дека носи нови штетни одлуки.
„Се што прави е да го заташка скандалот со Алта банка. Илија Андоновски, кој е привремен администратор на Алта банка, е човекот кој им ги издал лиценците на акционерите и членовите на Управниот и Надзорниот одбор, откако претходно била дадена дозволата за работа на банката. Од мај 2025 година, тој бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање. Ова е класичен конфликт на интерес. Не може човек што бил дел од процесот за одобрување на Алта банка да влезе во Македонија сега да биде на оваа позиција“, рече тој.
Додаде дека СДСМ предупредиле уште пред 11 месеци дека се работи за про-режимска банка создадена од криминалните кланови на претходниот режим во Србија.
„Славевски бараше да не тужат, па потоа велеше дека се е во ред. За денеска луѓето да не можат да дојдат до своите пари. Сега се најавува продажба на нов сопственик за нелогични рокови од 10 дена. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под истрага во Србија, во Црна Гора, но и во ЕУ поради сомнеж за потеклото на капиталот? Ниту една релевантна банка не би купила, бидејќи би знаела дека ќе си го урне сопствениот кредибилитет, особено во овој момент додека истрагата е во тек“, вели Димитријевиќ.




















