Владимир Перев
На 25-ти декември по Грегоријанскиот календар и на 7 јануари по Јулијанскиот календар, христијаните во светот, во зависност на која календарска опција припаѓаат, го слават празникот на Христовото раѓање, Божик или како порано го викавме, а сега одново така го нарекуваме, Коледе. Потомците на Светиклиментовата црква го слават Коледе и на двата датуми; во Македонија се слави на 7 јануари, како симбол на нашата поврзаност и подреденост на српските окупатори на земјата и понизноста кон тиранската Русија, а во Бугарија се слави на 25 декември, како обележје на припадноста на оваа држава кон цивилизираниот, демократски свет. Ние, македонските бугари ги славиме и двата датуми, како своевиден симбол на поделеноста на еден народ од двете страни на границата.
Сите македонски чествувања на 6-7 јануари се обележани со една темна, мрачна сенка од нашето минато. На оваа дата во 1945 г. се одвиваат крвави настани во Скопје и Штип, а бројот на жртвите, како и идентитетот на сите извршители на насилството, до денешен ден не се до крај откриени и расчистени.
Имено, на 7 и 8 јануари во салата на офицерскиот дом во Скопје се одржувал конгресот на Народноослободителната младина на Македонија (НОМСМ) а истовремено се планирало и одење на Сремскиот фронт за да се учествува во конечното ослободување на Југославија од германскиот окупатор. Една група борци и војници од Македонија не сакале да одат на Сремскиот фронт, излегле од касарната на скопското Кале и продефилирале низ центарот на Скопје, со пароли за одење “на Солун“, а не на Срем. Ситуацијата отприлика е претставена вака: “Како последица на сѐ тоа, во близина на Калето, на Божик, 7 јануари 1945 г. во 9 часот наутро, се случил војнички бунт и демонстрации против наредбата на југословенските командири – Македонци да бидат испратени на Сремскиот фронт. Протестирачите ја изразиле својата желба „На Солун, на Солун – не сакаме на Берлин, сакаме на Солун“ – наместо тоа, македонската војска да се насочи кон Солун, за да се ослободат сонародниците од Егејска Македонија. Нивниот параден марш од Калето, кон плоштадот бил проследен и со пеење родољубиви песни: „Напред браќа Македонци“, „Во, борба, во борба“ и слично.“
Дотука работите врват синхроно, и во македонската и во бугарската историографија. Разликите се околу бројот на жртвите во овие собитија. Бугарскиот историчар Веселин Ангелов говори за 1200 убиени по списоци изготвени од самиот Лазар Колишевски, додека пак македонските историчари и политичари говорат за само седуммина стрелани во касарната во Штип. Веројатно дека и двете страни се во право, само е различен дискурсот на гледање на настанот.
Коледе 1945 година е собитие кое не може да се прикрие, во него учествуваат голем број луѓе, се случува јавно, по сред бел ден во центарот на Скопје и пред очите на многу граѓани, од кои некои им се придружуваат на демонстрантите. Но “Македонското крваво Коледе“ не треба да се гледа само низ ракурсот на собитијата во Скопје, Штип и Демирхисарското село Базерник. Тоа е цел сплет на убиства, насилија и инсценирани судски процеси кои на комунистичката врхушка на власт и се нужни за елиминација на “ненародните“ елемнти и насилствено македонизирање/југословенизирање на македонскиот народ. Во тие пресметки пред и по Коледе во Скопје се убиени 63 души, во Велес 54, во Куманово 48, во Битола 36, во Штип 77, во Прилеп 35, а пресилени се бројките за убиени 300 души во Беровско Владимирово. До денешен ден не се утврдени бројките на убиените или исчезнати лица, за кои се знае дека се убиени и фрлени во Преспанското езеро, а се кажува дека биле жртви на Сремскиот фронт. Речиси сите ликвидирани биле пројавени бугари кои цврсто се држеле до својата бугарска етничка принадлежност, ретко кој бил на класичен начин “соработник на окупаторот“, а само неколкумина биле ликвидирани затоа што учествувале во оружени формации за борба против партизаните-контрачети. Не се само бугарите жртви на овој ненароден и насилен режим.
Имено, според јавниот обвинител Благој Поповски, “во текот на летото 1945 година по директива на турскиот конзул во Скопје Емин Вефа Герчек се пристапило кон организирање и создавање терористичко-шпионска организација“, чија цел била “уривање на уставно-демократскиот поредок на ФНР Југославија нејзината независност и безбедност“. Станува збор за турската националистичка организација “Јуџел“ против која бил организиран голем судски процес со околу педесетина обвинети. На 26 или 27 февруари 1948 година, по судењето, четворица од обвинетите биле стрелани, некаде во околината на Скопје (според некои официјално непотврдени информации во атарот на с. Сушица), а другите се осудени на различни временски казни затвор.
Нито албанците не поминуваат подобро, напротив! По барање на Главниот Штаб на НОВ и ПОЈ за Југославија, Енвер Хоџа дозволува две албански бригади да влезат во Македонија и заедно со македонската војска да го почнат “чистењето на непријателот, албанските националисти“. Влегуваат заедно и македонските и албанските бригади, прво во Струга 10 ноември 1944 год. Албанските националисти се повлекуваат во горите…на 11 одат за Кичево како албанско- македонски единици, односно 16 корпус. Влегуваат на 15 во Кичево без борба. Македонските и српските (косовски срби) партизани почнуваат да се однесуваат насилно кон населението, под име на разоружување…прават кампови и го мобилизираат насилно население.Во Гостивар партизански командант е некој Илиќ кој наредува да се заобиколи Гостивар и заробува 5000 албанци. Во Липковско 10.000 население бега во збегови на Карадак. Во Тетово во Монополот има камп со затворени 10.000 луѓе, 2000 во Групчин и на други места.
Масакрите: 400 албанци во Кичевски се ликвидирани ноември-декемви 1944 година, над 500 Гостиварски, во Тетовско околу 400 луѓе или егзекутирани или умрени од глад во Монополот, на 18-ти ноември во Блаце, 16-та Бригада ликвидира 111 албанци (ги има со име и презиме), во Извор, Скопска Црна Гора 44, во Сопот кумановско, 17 бригада, наречена бугарска бригада, затоа што доаѓаат на помош по барање на генералот Михаило Апостолски, ликвидира 67 мажи. На 14 јануари 1945 год војниот суд на Југославија во Скопје донесува одлука за стрелање на 19 албанци од Липковско и Кумановско, под обвинение дека се соработници на окупаторот. Истовремено, Хамди Дема, заменикот на Апостолски во Главниот штаб е затворен во септември 1944 година под обвинение дека бил вметнат во НОБ од германската разузнавачка служба и однесен во затворот во Прилеп…по неколку дена Дема е најден убиен, наводно се самоубил, без суд и пресуда. Тоа се случува и со првиот министер албанец во Македонија Неџат Аголи, затворен 1948 година и наводно убиен при обид на бегство во 1949 год.
За разлика од нас македонците или ако баш сакате, од македонските бугари, албанците во Македонија оваа работа си ја имаат целосно проучено и документирано, за што сведочат и објавените документи на македонскиот историчар од албанско потекло, Керим Лита. Тој беше љубезен да ми предостави и некои објавени документи со кои е запозната и пошироката меѓународна научна јавност. Ситуацијата со турците во Македонија и нивниот прогон веќе одамна е апсолвирана работа, а Анкара до денешен ден дава сериозна поддршка на турскиот фактор во С. Македонија.
Македонскaта/бугарската трагедија е најголема, затоа што бугарското племе се задира не само овде, туку комунистичкото/советското и титовистичкото насилие се прелива и во Бугарија. Одреди на бугарски убијци предводени од манијакалниот злосторник Лев Главинчев, а по наредба на Бугарската комунистичка партија и на министерот Антон Југов, вршат егзекуции на истакнатите припадници на ВМРО низ цела Бугарија. Потоа следи цела низа инструирани судски процеси и бројни смртни пресуди. Тоа е крајот на македонската и бугарската интелигенција, удар кон демократијата од кој не можеме да се опоравиме до денешен ден.
Теророт во Македонија продолжува сѐ до летото 1952 година кога, без суд и пресуда, се убиени петмината струмички студенти, познати како Струмичката петорка. Тоа е последниот чин на групно насилие и убиство на граѓани на Македонија од режимот наречен “воен комунизам“, за само неколку години потоа, самата Југославија да се сретне со непријателите во сопствените редови.
Албанците и турците, граѓани на Македонија успеаја да ги пребродат, надминат трагедиите на времето од 1944 до 1952 година. Опстанаа, меѓу другото и благодарејќи на поддршката на своите матични држави, која трае и до денешен ден. Македонските бугари не успеаја, беа десеткувани, застрашени и во најголем дел македонистички претопени.
Затоа, илузорно е денес да се говори за точноста на бројките на убиени, затворани или судени во монтирани судски пресуди. Бројката на мртвите е трагедија, но таа воедно ја покажува и трагедијата на оние кои преживеале и го носеле товарот на стигмата за целото време на својот живот. Тоа не треба да се заборави. Затоа денес перверзно звучат зборовите на некои политичари или историчари кои се повикуваат на таканаречениот “Димитровски период“ во историјата на Бугарија и Југославија/Македонија. Тезата за димитровски и титови традиции значи да се повикуваш на традиции на крв, смрт и насилие, традиции на насилници и диктатори. Згора на сето тоа, Димитров е и целостен алкохолик и неуравновесена личност, оптоварена со сопствените лични и семејни трагедии.
“Македонската крвава Коледа“ не е драма во траење од еден ден или седмица, тоа е проект за уништување на “сите непријатели на комунизмот и СССР“ во кој чин, македонскиот народ ја доживеа својата трагедија. Процесот траеше околу седум години, а обемот на трагедијата е немерлив.
Новите демократии во Македонија и Бугарија се на власт веќе триесетина години и до сега не се изнајдоа сили да се објасни и осуди овој процес. Разногласија уште има, приземни несогласувања од типот “дали имало навистина толку жртви, или не“. Тука е и погрешно сфатениот поимот за лустрација. Таа не треба да ги опфати само лицата директно вмешани нивните дејствија (да, и нив) но треба да опфати и состојби од периодот на “воениот комунизам“. Треба да ги осуди собитијата и личностите-носители на тие собитија. Тоа до сега не е направено. Затоа не се осудени Лазо Колишевски, Светозар Вукманович Темпо, Георги Димитров, Јосип Броз Тито и ред други. До денешен ден во центарат на Скопје две гимназии “гордо“ ги носат имињата на двајцата крволоци на бугарскиот народ и на македонските бугари- Јосип Броз Тито и Георги Димитров. Додека тоа е така, секое плачење за жртвите на крвавата Коледа е само обичен макијавелизам. Ние сè уште Коледе го славиме на различни датуми…
*Колумната на Владимир Перев е напишана специјално за бугарската информативна агенција БГНЕС
Извор: Трибуна