Главниот советник на премиерот во оставка, Зоран Заев, Марјан Забрчанец ги отфрла како невистини наводите изнесени од страна на Боки 13 во отвореното писмо до премиерот, во кое го посочи него како лице кое му пишувало пораки за содржините и прес конференциите кои требало да бидат емитувани кога функционираше 1ТВ. Претпладнево одржа прес конференција и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски кој го прозва Забрчанец токму поради ова.

Забрчанец одоговара:

Ги отфрлам како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно управување или контролирање новинари или медиуми.

Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите.

Тоа е суштината на професијата односи со јавноста.

Со лицето Бојан Јовановски, сум комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата.

Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите.

Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада.

Медиумските работници секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.

Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена.

Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања.

Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе.