ВМРО-ДПМНЕ повторно ја манипулира јавноста, овој пат користејќи го јубилејот на Општина Центар за политички пресметки. Градоначалникот Горан Герасимовски додели јубилејни награди по повод 50 години Општина Центар на личности кои, секоја во својата област, дале значаен придонес за развојот и афирмацијата на општината. Со нив им оддадовме признание за нивната работа и за сè што оставиле зад себе, реагираат од општината на забелешките од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека Герасимовски ја злоупотребува наградата.

„Што точно ви пречи во оддавањето признание на овие луѓе? Васил Тупурковски е универзитетски професор, правник и значајна политичка личност од периодот на осамостојувањето на Македонија. Дуке Бојаџиев е композитор и пијанист со меѓународно реноме. Магдалена Ризова Черних и Ѓокица Лукаревски ги посветиле своите кариери на театарот, филмот и уметноста. Д-р Марија Весова е професионалец чие знаење и посветеност спасуваат животи. Мирослав Грчев е универзитетски професор, архитект и урбанист со значаен придонес за развојот на Центар.

Ова се луѓе со име, дело и углед. Центарци и по душа и по дела, на кои општината со право им оддава почит. Ви смета грбот на Општина Центар? Грбот им припаѓа на сите центарци, а признание со него најмногу заслужуваат токму оние кои придонеле за развојот и промоцијата на општината“.

Срамно е, се додава во реакцијата од Општина Центар, нивниот придонес да се става во сенка заради дневнополитички поени.

Наместо да го поздрави јубилејното наградување, ВМРО-ДПМНЕ, истакнуваат од општината, избра и овој свечен настан да го претвори во повод за обвинувања и навреди.

„Тоа не е фер ниту кон наградените, ниту кон општината, ниту кон центарци. И овој пат ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи, па секој општински успех го негира и го претвора во личен напад“.

Ваквите постапки, како што оценуваат, јасно покажуваат за каква деструктивна политика се залагаат.

„Политика што ги омаловажува и луѓето и нивните дела само за да извлече партиска корист.Педесетгодишниот јубилеј се одбележува само еднаш. За жал, ваквите напади на ВМРО-ДПМНЕ ги гледаме секогаш кога немаат што друго да кажат, освен да излажат и да го оспорат и она што треба да биде заедничка гордост.

Општина Центар ќе продолжи да ги вреднува луѓето што придонесуваат за заедницата. Тие заслужуваат почит, а центарци заслужуваат нивниот јубилеј да не се претвора во партиски циркус“.