Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ пиша отворено писмо до директорот на МРТВ Марјан Цветковски по повод најновите објавени огласи за вработување. Имено, во огласите, покрај другите позиции, има огласи за вработување на новинар во редакцијата на босански јазик. Меѓутоа спорното е тоа што во критериумите никаде не пишува дека треба да биде Боњшак или Бошњака, туку Македонец/ка и дека не треба да има познавање од босански јазик, туку македонски јазик. Токму ова е спорното според пратеникот Зеќир Рамчиловиќ. Ако се погледнат огласите, исти критериуми се и за редакциите на српски и влашки јазик, но не и за ромски јазик, каде се бара Ром или Ромка.

Отвореното писмо на пратеникот Рамчиловиќ го пренесуваме во целост.

Директoре на МРТВ повлечете го срамниот Оглас за вработување на новинар во Бошњачката редакција и не ги навредувајте Бошњаците.

Прво сменете ја веќе погрешната номинација на називот на босанскиот јазик како што тоа го направија сите институции по барање на Владата на Република Северна Македонија!

– Нашиот јазик е БОСАНСКИ!

Второ уште поважно:

– Срамно е и навредливо за вработување на новинар во бошњачка редакција за програма на босански јазик да барате вработување според годишниот план за 2021 на Македонец/ка без никаде во огласот да барате познавање на босанскиот јазик.

Како некој кој не го знае босанскиот јазик може да работи како Новинар во редкација на босански јазик!?

Ова вака не може, доколку не го поништите огласот ќе поднесам барање за преиспитување на истиот и претставка до повеќе институции: ДКСК, Народниот правобранител, Комисијата за спречување на дискриминација, Хелсиншкиот комитет за човекови права и др.

ПРЕМНОГУ Е!!!

Жално е што поради Блокадите од опозицијата во Собранието ја злоупотребувате вашата позиција на штета на бошњачката заедница.

За јавноста:

Марјан Цветковски е директор на Македонската радио и телевизија од 2012, и останува на таа функција поради Актуелниот состав на Советот на АВМУ, изгласан од Парламентот во 2014 година, со мандат од пет години.

Како во претходниот собраниски состав така и сега пред новиот обид за избор на нов Програмски совет се испречува двотретинското мнозинство, кое 12-члената комисија го нема без поддршка на барем еден од петте пратеника од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, двотретинско мнозинство е неопходно и во комисијата и на пленарната седница што ние како парламентарно мнозинство го немаме и оваа ваква ситуација продолжува и понатаму!

Доц. Д-р Зеќир Рамчиловиќ, пратеник