Ако Левица остане на списокот за паѓање на Владата, јас нема да бидам дел од него, ниту ќе го поддржам гласањето, вели пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи Зејд.

Во изјава за телевизија 24, Реџепи Зејд објаснува дека неговиот услов за поддршка бил Левица да не биде потписник на Иницијативата за гласање недоверба на Владата. Според него, на Алтернатива и е наметнат коалициски партнер кој не бил договорен.

Нема да дозволам, напоменува пратеникот, да бидеме коалициски партнер со партија која се дои со антиалбанска реторика.

-Мојот услов беше, и кога потпишувавме, зашто ние потпишувавме веднаш по ВМРО-ДПМНЕ, Левица да не смее да биде дел од потпишувањето. Така беше договорено и ме убедуваа дека е така. Потоа, откако потпишав, веќе не ги видов документите, зашто ги земаа и отидоа на друго место, кој кај потпишуваше. Сега одам во потесното претседателство, таму ќе го пренесам мојот став за да изградиме заеднички став. Ќе побарам да бидеме сите искрени кон ставот дека нам ни е наметнат коалициски партнер кој не беше договорен, нагласува Реџепи Зејд.