„За промена, бараме РКЕ да биде регулатор, а не сервис за енергетските монополи. МЕПСО бара тарифата за пренос на електрична енергија да се зголеми за речиси 100%! Во исто време, за 2027 година бара регулиран приход од околу 3 милијарди денари, наспроти речиси 2 милијарди денари одобрени за 2026 година, иако во пресметките има ПОМАЛА количина електрична енергија што ќе поминува низ преносната мрежа“, велат од партијата Левица.
„Парното веќе поскапе за пет отсто во јануари, а од август следуваше дополнително зголемување од речиси шест отсто. Доколку новото барање биде одобрено, граѓаните би добиле ТРЕТО поскапување во една година. За домаќинствата ова значи нова неизвесност токму кога треба да го планираат зимскиот трошок. Домот мора да се загрее, независно од тоа колку убаво ќе биде спакувано образложението за поскапување.
Пред да побара уште повеќе од народот, МЕПСО треба да даде отчет за начинот на кој управува со средствата што веќе ги добива. Државниот завод за ревизија веќе констатира сериозни слабости во работењето на компанијата – од неправилности при вработувањата до проблеми со управувањето со инфраструктурата. Не може лошото управување да се покрие со повисока тарифа.
Досегашните одлуки на РКЕ само ја потврдуваат нашата загриженост дека комисијата на чело со вмровецот Ацо Ристов повторно ќе се однесува како продолжена рака на власта. РКЕ дозволи зголемување на цената на парното, а сега пред себе го има и барањето на МЕПСО за речиси двојно повисока тарифа. Тоа е проблемот со РКЕ: наместо да ги дисциплинира монополите, таа премногу често ги остава граѓаните на ЦЕДИЛО.
А каде е министерката Божиновска во сето ова? Таа не може да се крие зад РКЕ и да се прави дека ова е само одлука на регулаторот. Владата е сопственик на МЕПСО, а Министерството за енергетика е политички одговорно за енергетската политика и функционирањето на државниот енергетски систем. Божиновска постојано зборува дека Владата ќе го штити животниот стандард на граѓаните, но заштита на стандардот не е да чекаме прво да поскапи струјата, па потоа да бараме како да го ублажиме ударот. Заштита е да се спречи неоправданото поскапување уште на изворот.
Затоа бараме и од РКЕ и од Божиновска: наместо да бараат начин граѓаните да ја платат сметката, нека бараат одговорност од менаџментите на енергетските компании полни со нивни сопартијци и вистинска ефикасност во системот“, соопштуваат од партијата Левица.

















