Земјите во светот во моментов планираат повеќе од двојно да го зголемат производство на јаглен, нафта и гас што не е во согласност со плановите за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, соопштија Обединетите нации (ОН) во извештај објавен на 20 октомври.
На десет дена пред Самитот за климата во Глазгов кој се смета за клучен за одржливоста на температурните цели од Парискиот договор, Програмата на ОН за животна средина наведува дека плановите на земјите за производство на фосилни горива во оваа деценија се „опасно неконзистентни“ со потребното намалување на емисиите.
Од ОН велат дека емисиите на штетни гасови мора да се намалат за речиси 50 проценти до 2030 година и на нула до средината на векот, со цел да се ограничи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриското ниво.