ОК на ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Битола. На вечерашната прес-конференција од вкупно 170 избирачки места и обработени 68 избирачки места во аналитичкиот центар на партијата, од партијата рекоа дека има разлика од 1.600 гласови во полза на кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, јавува Независен.

Односно 6.400 гласови за кандидатот на СДСМ, Христо Кондовски, наспроти 8.000 гласови за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски, рекоа од партијата.

„Битола и битолчани, кажаа ‘да’ за промени, ‘да’ за проекти, ‘да’ за победа на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник Тони Коњановски. Битола знае да препознае промена, вистински квалитет, наспроти неработење и безидејност. Битолчани се одважија и се спротивставија на сите притисоци, нечесни игри, обидите за поткуп од страна на власта и гласно кажаа ‘не’. Ќе бидеме ефективна, ефикасна и одговорна локална самоуправа, вистински јавен сервис“, рече Пеце Милевски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Битола, пренесе Независен.