Рокот за собирање потписи за независни кандидатури за претстојните локални избори на 17 октомври заврши и според Државната изборна комисија, потребниот број потписи го собрале 25 независени кандидати за градоначалник, како и 57 групи избирачи за советнички листи.
Независни кандидати за градоначаници ќе има во општините Кичево, Чучер Сандево, Росоман, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кратово, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе, Брвеница, Илинден, Битола, Врапчиште, Лозово, Гевгелија, Пехчево, Богданци, Куманово и за Град Скопје.
Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија потребните потписи, не успеале да ги собираат 12 кандидати за градоначалници и 13 групи избирачи за кадидатските листи за членови на оштинските совети.
Листите на кандидати за локалните избори се поднесуваат до општинските изборни комисии од страна на овластените предлагачи, а крајниот рок за нивно поднесување е 11 септември до 24 часот.
Рокот за проверка во Избирачкиот список е до 9 септември, а до 30 август се провериле 9.890 лица.
ДИК, исто така, информира дека поднесени се вкупно 18 барања за запишување во Избирачкиот список, 18 барања за бришење на податоците од Избирачкиот список и 11 барања за измена на податоците во Избирачкиот список.
До Државната изборна комисија на меил адресата [email protected] се поднесени вкупно 30 барања.
Во меѓувреме, партиите продолжуваат да објавуваат имиња на нивните кандидати за градоначалници.
Граѓанското движење на ДОМ и ЛДП вчера во паркот во општината Ѓорче Петров го претстави кандидатот за градоначалник Љупчо Јаневски.
Генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски, вчера на прес-конференција, ги објави имињата на уште 17 кандидати за градоначалници. Тој најави дека на 8 септември ќе биде објавена одлуката за Општина Кочани и дека на изборите СДСМ ќе оди со 69 кандидати, од кои една третина се нови лица.
СДСМ ќе ги кандидира Оливер Илиевски во Куманово, Горан Герасимовски во Центар, Христо Кондовски во Битола, Асан Ферат во Шуто Оризари, Николче Мисовски во Кривогаштани, Димче Шипинкаровски во Струга, Игор Крцковски во Дебарца, Сашко Комненовиќ во Чучер-Сандево, Аднан Џаферовски во Долнени, актуелниот пратеник Коле Чаракчиев во Радовиш, Џемзи Мамути во Врапчиште, Сашко Митковски во Крива Паланка и актуелниот пратеник Костадин Костадинов во Струмица.
За втор мандат СДСМ ќе оди во Ѓорче Петров со актуелниот градоначалник Александар Наумовски, во Македонска Каменица со актуелната градоначалничка Соња Стаменкова, во Гевгелија со актуелниот градоначалник Сашко Поцков и во Македонски Брод со актуелниот градоначалник Живко Силјановски.
Партијата на Бошњаците, Странката на демократска акција на Македонија (СДА) вчера објави дека на претстојните локални избори ќе коалицира со СДСМ. Според СДА, новото политичко партнерство претставува зголемување на коалицијата која, како што посочија, носи прогресивни политики добри за сите граѓани.