Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска присуствуваше на примопредавањето на базенот кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Карпош, кој Општина Карпош го предаде на користење на Националната пливачка федерација (НПФ).

Станува збор за објект кој започна да се гради од поранешната Агенција за млади и спорт, но беше оставен недовршен. Со поддршка од Владата, Министерството за спорт обезбеди средства за негова доизградба, а во јуни годинава новиот објект беше предаден на владение на Општина Карпош.

Од Министерството за спорт наведуваат дека со предавањето на базенот на НПФ се прави значаен исчекор кон воспоставување нов модел на управување со спортската инфраструктура во кој националните спортски федерации ќе имаат активна улога во управувањето со спортските објекти, со цел нивно поефикасно користење и создавање подобри услови за развој на спортот.

Ристовски истакна дека пливањето е меѓу приоритетите на Министерството и Владата, нагласувајќи дека соработката со локалната самоуправа и Пливачката федерација е важна за враќање на овој спорт на местото што го заслужува.

Тој кажа дека Федерацијата ќе добие и финансиска поддршка од Министерството за спорт и од Владата, за да може правилно да стопанисува со овие објекти и тие да бидат максимално искористени за развој на пливањето.

Текстот Базенот во Карпош предаден на користење на Националната пливачка федерација е превземен од МАКФАКС.