На граѓаните кои немаат сертификат за вакцинација не им е дозволен влез во трговски центри. Еден од нив е 67-годишниот Стево. Тој е вакциниран, но сертификатот го заборавил дома.
Обезбедувањето не му дозволи да влезе, по што тој си замина видно изреволтиран.
Ниту на овие млади од Штип не им беше дозволено да влезат…
Сите граѓани кои немаа со себе сертификат за извршена вакцинација, беа вратени назад. Оние кои носеа потврда слободно влегуваа, а обезбедувањето ги проверуваше на влез.
Дел од граѓаните велат дека мерките се задоцнети.
На социјалните мрежи некои граѓани веќе почнаа да бараат лажни сертификати, но Пазарниот инспекторат досега нема констатирано дека некој поседува фалсификат потврда за вакцинација.
„На дневно ниво се направени 400 надзори на цела територија на Република Северна Македонија. Од изминатово деноноќие откако се донесени измените на протоколите не е констатиран ниту еден прекршок. Постојано сме на терен. Досега не сме утврдиле дека некој од граѓаните приложил лажен сертификат“, велат од Државен пазарен инспекторат.
Ниту во Министерството за внатрешни работи нема ниту една пријава за лажен сертификат. Но, доколку се случи тоа, лицето ќе се соочи со казна затвор до 3 години.
Освен за влез во затворениот дел на трговските центри, сертификат за имунизација граѓаните треба да приложат и за во обложувалници, казина, за свадби, родендени, концерти, семинари, обуки, конференции, културни и спортски настани.
Извор: ТВ 21