Бројни владини и политички делегации со положување на цвеќе го одбележуваат големиот државен празник Илинден. Попладнево во 18:00 часот во Крушево ќе биде централната манифестација под покровителство на претседателот Пендаровски, а утрово премиерот со делегацијата е во Пелинце.

-Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Првиот пат, во 1903 година, со илинденската епопеја, која заврши со Крушевската република. Првата Република на Балканот која на почетокот на 20 век силно го пренесе во светот гласот за остварување на вековниот сон за сопствена држава на Македонците и на своите браќа и другари од другите народи кои живееја, живеат и ќе живеат на овие простори“, рече денеска премиерот Зоран Заев во своето обраќање по повод празникот Илинден.

„Вторпат Илинден блесна во 1944 година, во манастирот Св. Прохор Пчињски“, кадешто се одржа Првото заседание на АСНОМ. Тој ден се оствари визијата на бескомпромисниот борец за самостојноста на македонското национално дело, Димо Хаџидимов, кој по повод 20 годишнината од Илинденското востание, во 1923 рече: ‘Македонскиот народ ќе дочека и втор, победоносен Илинден’. И го дочека. Со учеството и победата во антифашистичката голема Светска војна на територијата на Македонија, порача Заев.