Во интервјуто за Euronews со наслов „Дали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ? “, вицепремиерот Никола Димитров зборува за предизвиците и пречките на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање на пристапни преговори со ЕУ, Никола Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

-Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континетот. Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?, порачува Димитров.

Во таа смисла, Димитров нагласува дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

-Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина, вели Димитров.

Целосното интервју е достапно на следниот ЛИНК.