Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции на која беа презентирани Програмата и Приоритетите на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

-Преземањето на водството со Советот на ЕУ, од страна на Словенија доаѓа во многу важно време за самата ЕУ која продолжува да се соочува со бројни предизвици, меѓу кои секако и застојот на политиката на проширувањето и на потребата за реафирмација на европската перспективата за земјите од регионот на Западен Балкан, порача Османи.

Тој посочи дека Словенија како непосреден сосед на регионот, не само што го познава, туку има и сопствен интерес и искрено сака да му помогне на регионот. Османи се надева дека токму претседателството на Словенија со ЕУ ќе го држи високо на агендата на ЕУ европското досие на Северна Македонија, секако со фокун кон отстранување на блокадата од страна на Бугарија.