Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ја позицијата на ДУИ за нивната Резолуција за преговорите со Бугарија и образложението дека може да наштети на меѓународниот углед и евроатлански пат, изјави дека време е барем еднаш ДУИ да застане зад интересите на нивните сограѓани Македонци. Тој ова го изјави во интервју за Вечер прес.

  –Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ.

Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека Резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи.

Како што е познато ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието Резолуција за преговорите со Бугарија во која ќе се  бара гласање на црвените линии на нашата држава, пред се во делот на идентитетот и јазикот.