Во посета на познатиот Бигорски манастир престојуваше градоначалникот на хрватскиот град Задар, Божидар Лонгин, заедно со сопругата и нивни пријатели и соработници од Скопје.

– Почитуваните гости беа срдечно пречекани од страна на нашиот старец, епископот г. Партениј и братството. Имаа можност да се запознаат со дел од манастирските содржини, како и со мисијата на нашата обител. Изразуваме голема благодарност до господин Лонгин и до неговата придружба за споделената радост и за пријателски поминатите заеднички мигови, рече отец Кирил.

Гостите биле воодушевени од убавината на манастирот и восхитени од тридецениската широко распространета општествено-хуманитарна дејност на братството предводено од игуменот г. Партениј.

За мисијата која значи помагање во континуитет на стотици и стотици личности од социјално ранливи категории, меѓу кои: зависници од пороци, лица со телесна и ментална попреченост, луѓе со телесни болести и психички проблеми, бездомни граѓани на државата, деца без родителска грижа, гостите делумно биле запознати и во нивната земја.

– Бидете и понатаму чувари на божјите зборови. Бог да ве поживее, напиша градоначалникот на Задар, Лонгин во книгата за посетители.