Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Република Северна Македонија и Република Албанија, Зоран Заев и Еди Рама разговараа денес преку видео врска на конференцијата „мал Шенген“ за понатамошните чекори во регионалната соработка, како процес од витално значење за напредокот на Западен Балкан и европскиот пат како целина, јави дописникот на МИА од Белград.

Advertisements

Соговорниците се согласија дека на земјите од Западен Балкан им е потребно членство во Европската Унија, но и дека на ЕУ исто толку и е потребен Западен Балкан, бидејќи регионот е опкружен со границите на ЕУ, а земјите кои се стремат кон членство имаат заеднички европски вредности, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател, во кое се додава дека Вучиќ, Заев и Рама „изразија желба четирите европски слободи – движењето на луѓето, стоки, услуги и капитал, да започнат да се спроведуваат што е можно побрзо низ целиот регион, и во овој контекст ќе дадат целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес, на 5 јули.“

Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот.

Прикажи повеќе