На социјалните мрежи е објавена видеоснимка од апсењето на 17-годишниот малолетник осомничен за утринското пукање во Првото техничко училиште во Крагуевац, пишува „Нова.рс“.
Станува збор за ученик во ова училиште, а во нападот беа повредени две лица.
Припадниците на Полициската управа во Крагуевац брзо реагирале и го уапсиле малолетникот.
На објавената снимка се гледа моментот кога полицијата го одведува ученикот.
Според досега потврдените информации, во пукањето се повредени две помошни работнички во училиштето. Едната била ранета од огнено оружје, додека другата се здобила со повреди од скршено стакло.
Како што соопштија од Универзитетскиот клинички центар во Крагуевац, двете жени со возило на Итната медицинска помош биле пренесени во Ургентниот центар.
Според достапните информации, ниту едно дете не е повредено.

















