Црвениот крст на Република Северна Македонија кој по повод Светскиот ден на крводарителството се приклучи кон глобалната кампања за промоција на крводарителството под мотото „Дарувај крв и придонеси светот да продолжи да се движи“, денеска, заедно со Институтот за трансфузиска медицина ќе им додели плакети на министерствата за здравство, за внатрешни работи и за одбрана во знак на благодарност за досегашната соработка.

Како што е најавено, плакетите ќе ги подигнат министрите Венко Филипче, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска Јанковска, а ќе ги врачи генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ Саит Саити.

-Пристапот до безбедна крв за сите оние кои имаат потреба и натаму останува највисок императив на земјите во светот, па и кај нас. Во текот на пандемијата со КОВИД-19 и покрај ограничената мобилност и другите предизвици кои таа ги донесе, дарителите на крв продолжија да даруваат крв и плазма за пациенти на кои им е потребна трансфузија. Овој извонреден напор за време на пандемија, ја нагласува клучната улога на добро организираните, посветени, доброволни и неплатени дарители во процесот на снабдување со крв во тековни и вонредни околности, наведуваат од Црвен крст.