Координаторот на СДСМ во третата изборна единица, Ацо Велковски, реагира на предлогот на Стопанската комора да се намалат неработните денови.
Велковски наведува дека кога треба да се „штеди“ и да се зголемува профитот, најлесно е да се посегне по времето на работникот.
Тој предлага, доколку веќе се отвора темата за неработните денови и работното време, да се разгледа 36-часовна работна недела.
Според предлогот на Велковски, од понеделник до четврток би биле работни денови, а часовите би се распоредиле во тие четири дена, додека петок би бил слободен ден.
Велковски додава дека не треба да се кажува дека „нема кој да работи“.
„Има кој да работи. Само има сè помалку кој сака да работи за плата со која едвај се преживува“, наведува тој.
„Време е и работникот да добие нешто. Да се обединиме околу нашите права“, порачува Велковски.























