Од мала ја сакала сцената, камерата, балетот и сè тоа ѝ се остварило… но не онолку колку што можела од себе да даде. Можела многу, многу повеќе од тоа што ѝ било дозволено.
– Родена сум на 19 август 1980 година во Скопје, позади „Вардар филм“, во куќата на Милчо Манчевски. Од деветгодишна возраст стапнувам на сцена како ќерка на актер, израсната сум во театар, а потоа во балетското државно училиште го завршив средното образование. Сцената почнувам да ја освојувам од својата 10-та година, прво на годишниот балетски концерт и веднаш потоа и во театарска претстава каде што се случи првото „навлекување“ на актерството. И понатаму тежнеев овие две работи да ги спојам и да ги доусовршам, како што бива, нели, секаде во светот. Но Македонија, сепак, не е светот, за жал, и бев приморана да го напуштам балетот во третата година на Факултетот за драмска уметност. Потоа останувам навидум на актерството, но сепак, иако одлично напредував во тој дел и веќе почнав да играм во првите редови на ансаблот во балетот, потоа продолжив само со модерниот балет и потоа, малку по малку… уште ме боли таа приказна, за жал – вака познатата македонска глумица и балерина Катерина Шехтанска ја започнува својата животна приказна.
Потоа дипломирала, станала мајка во 2005 година, на 24-годишна возраст, на синот Филип и во 2009 година на Клеоника.
Вели дека детството ѝ било мирно, безгрижно и преубаво. Растела во театар, пред камера, во балетска сала и на улица.
– Веќе знаев на каде ќе ми се одвива целиот живот, освен, се разбира, не бев спремна и известена за она што потоа следуваше во мојот живот. Како дете на актер бев оперирана од секаков вид комплекс за тоа која сум, што сум и што треба да станам, затоа што си го носев товарот на презимето кое не смеев да го извалкам, како што ми велеше од мала татко ми. Кога почнав во „Ребис“ бев под мониторинг 24/7 од страна на моите (се смее, н.з) – продолжува Катерина.
Вели дека била „диво“ дете, нескротливо, на кое било тешко нешто да му наметнеш, нешто што не го прифаќа, а додава дека сè уште е таква.
– Е сега, проблеми имам правено, ама не такви да не можат моите да се справат со тоа. Своеглава отсекогаш и побесна од мојот 8 и пол години постар брат, кој си беше по школото и внимаваше на секој мој чекор кога влегов во пубертет. Убави моменти ми беа безгрижното играње на улица и успесите што ги нижев уште во основно училиште со балетот, многубројните реклами, но незаборавна ми е сепак мојата прва реклама со мегапопуларниот Игор Џамбазов. Уште во тоа време, јас на свои 14 години, за „Фалко фешн“, каде што ја кревам ногата во балетски стил на рамото на Игор, што во тоа време предизвика лавина од реакции. Оние кои не ме познаваа мислеа дека се работи за манекенка од Белград и кога ќе ме видеа во живо „колицко“ сум, чудно им беше – се смее Катерина.
Кога можев сè ми рекоа: е не може сè, ќе се откажеш или од глума или од балет!
Раскажува дека трауматичен за неа бил секој неуспех кога се работело за балетот, кога немала да биде во прв ред, или кога немало да ја одберат за настап. Била амбициозна, ама на некој чуден начин.
– За формирањето како личност најмногу заслуга има мајка ми, која деноноќно само ми зборуваме, ме предупредуваше, ме учеше на морални вредности кои сега јас ги пренесувам на моите деца, ама за ова време невреме е греота така да се воспитаат деца, ама тоа е – објаснува таа и продолжува:
– Од балетот не се отакажав, ме натераа од ФДУ, ми рекоа да бирам. Да, да, замислете, веќе со докажан квалитет, напредувате во балетот, паралелно студирате, играте на сите поголеми концерти на нашите ѕвезди во тоа време, станувам асистент по аеробик, кик бокс, степ и пилатес и потоа станувам инструктор… И на ФДУ ти викаат: е не може сè… ќе се откажеш или од глума или од балет, две лубеници под иста мишка не се носат.
За мене шок! На последната претстава „Жизел“ играм во цвеќарките, веќе излегувам од ансамблот и тоа ми беше за жал последната балетска престава каде што на поклонувањето плачев како мало дете. Еве, ова ми беше еден вид почеток на моите шокови, кои полека се нижеа како ланец – емотивно раскажува Катерина.
Потоа се посветила на ФДУ, ѝ останале само настапите од „Ребис“ и аеробикот. Следувале нови шокови и нови неправди, но сите ги издражала машки. Шокови за кои вели дека до денес ѝ се несфатливи. На пример, во трета година не сакале да ѝ заверат семестар, бидејќи два дена била во Белград на концерт со Тоше Проески, па „волшебно“ исчезнати писмени барања за отстуство до факултетот…
– Барањето магично исчезна кога требаше да се разгледува и тука настана хаос. За првпат во мојот живот го имав видено татко ми да дојде на факултет со таков израз на лице, зашто тој беше против јас да бидам глумица, знаејќи во каков змијарник ќе влезам. Е, тоа беше зачетокот во сè она што ми го правеа понатаму за јас да се откажам и да ја напуштам оваа професија… Зошто?! Сè уште не знам.
Убаво почнав, не знам што толку им сметав. По толку изиграни престави и балетски и театарски, кога дојде време за вработување, иако со шест претстави на тековниот репертор во МНТ, од кои во две со главна улога, тие не ме примаат, дури и по четврти пат, и јас се откажувам зашто беше наредено да ми се симнат и сите претстави од репертоар и плус им беше забрането на режисерите да ме земаат во новите подели – раскажува Катерина.
Вели дека се разочарала, но била исполнета на друго поле.
Кога ќе ми посегнеш по фамилија, гледај да не си ми пред очи
– Со мојата прва бременост на 24 години ме нарекуваа жена хазардер, затоа што бев првата која играше до самото породување и недела дена после породувањето… – се присетува таа.
Потоа следувал период кога не ја интересирало ништо, била емотивно исполнета, реализирана сопруга и мајка, водела емисии, па следувало раѓањето на Клеоника и повторно почнала нејзината борба за враќање на сцената.
– Кога повторно се вратив на сцена, тука секогаш моите биле од помош, Филип и Клеа никогаш не биле оставени да им недостасува родителска љубов. Боби, кога бев на претстави или на снимање, си ги чуваше и си се грижеше за нив дури и подобро од јас кога бев дома, па мислам дека сум им веќе и досадна што не сум како другите мајки кои дишат во врат – објаснува Катерина.
Инаку, таа е моментно во фаза на пишување сценарио за сè она што ѝ се испослучило и што сè уште, вели, ѝ се случува.
– Моето незадоволство обично не го кријам, го искажувам јавно, а кога ќе ми посегнеш по фамилија, гледај да не си ми пред очи, должна не останувам никогаш за што било…
Вели дека ѝ пречи злобен народ, хиени, политики, уништување на животи, местенки. Но вели и дека не се „замара“ со тоа. Своите деца ги учи дека е важно да знаат да распознаваат добро од лошо, црно од бело, што треба – што не, правилно од неправилно, да имаат емпатија, да помагаат, да знаат да се борат и најважно од сè да сакаат и да знаат да се заштитат.