Историјата докажува дека мудреците низ времето на почетокот биле исмевани, потоа неприфатени, за на крајот, луѓето да им се восхитуваат. За мене, еден таков мудрец е Димче Ацков, кој преку личен пример пренесува моќна порака, неопходно важна за секој од нас.
Пред да го изгради Еко Селото во близина на Велес, Димче бил душа на која од секогаш ѝ беше нешто чудно и нелогично во начинот на кој функционираме како општество и како свет. Како мал мислел дека има нешто повеќе, ама дека тоа ќе го види кога ќе порасне. Кога пораснал, заборавил што очекувал како дете и се впуштил во рутината: работа, кафулиња, прошетка во недела и слично.
– Сега сум само обичен селанец или човек кој се заседнал во природа, со сон да направи Еколошко село и да создаде Вечна шума, или да ѝ помогне на природата со дела, скромно додава тој.
Еден обичен ден, на еден необичен човек започнува рано, заедно со мугрите. Откако ќе се разбуди, минува некое време во мир и тишина, потоа слуша народна духовна музика, кавал или слично, па појадува. Потоа го пасе Спирит – неговиот овен кој го спасил лани. Следно ја полева бавчата и ја проверува, па ги храни Хиро и Миси – кутриња кое се спасени исто така од улица.
– Моментално имам и нов член на еко селото, тоа е кутре кое го најдов искасано од други кутриња, а некој го фрлил, па го проверувам и него дали му треба нешто и веќе ме фатило 10-11. Потоа почнувам со градење на новото малото куќиче од земја, копам земја за него и го градам… Потоа ручам, па одмарам. Најчесто тихувам покрај реката Тополка која ми тече низ Еколошкото селце. Следно одам до најблиската борова шумичка да собирам иглици за боров мед што го правам, проверувам по пат дали има печурки, собирам диви растенија за салата и чорба, некое дрво ако најдам и се враќам назад во еко селото. Кога ќе се вратам, го прибирам овенот, собирам камења и други материјали кои ми требаат за градба, ја набљудувам природата, сонцето како заоѓа, небото, и се прибирам внатре. После цел ден активности, заспивам прилично рано, раскажува Димче.
Онолку колку што му е неопходна струја, за основните потреби, ја обезбедува преку соларни панели, а водата од сопствен бунар.
Гледајќи наназад, за одлуката да се одвои од „нормалниот“ свет, како клучен, тој го препознава моментот кога после долго време дошол на дедовината, земјата на која почнал да го гради еко селото.
– Кога ја почувствував таа енергија и видов која убавина ја има во природниот свет решив да го заштитам тоа, се присетува Димче и додава: мојот светоглед е дека почвата под нашите нозе е света и жива, дека од неа зависи дали ќе имаме иднина. И дека треба да живееме како нашите предци, по законот на совеста и со голема почит кон природниот свет и животните.
Според него, природата ни ги дава сите материјали за изградба: земја, камен, дрво, а за изградба на објект од природни материјали е потребно неколку месеци, доколку работите со тим од луѓе. Доколку градите сами, како Димче што ја градел својата куќа, тогаш ви е потребно повеќе време.
– За изградба на куќа од земја е потребна земја која содржи глина, а може да се гради на секаква почва, освен на песоклива, вели тој.
Единствената полза која ја има од животните е што од нив добива љубов, а вели дека не ги експлоатира на било кој начин. Смета дека во тое е нивната полза – да шират љубов, дека за тоа се тука тие – да нè научат и нас.
На Димче никогаш не му е здодевно затоа што има многу работа и соништа.
– Еден сон што го имам е да создадам вечна шума. Македонија е мала земја и доколку во нејзиниот центар создадеме шума, ќе влијаеме на квалитетот на воздухот на целата земја. Моето еко село е во центарот на државата и има можност да се прошири со купување на соседната земја која е на продажба, да се пошуми и да се остави во аманет на наредните генераци. За таа цел, со помош на Верица, отворивме фандрејзер на кој ќе може да се донира за купување на земја и создавање на вечна шума во срцето на Македонија.
Свесноста на Димче не можеме да ја бараме во секој од нас, но барем можеме да му помогнеме во исполнувањето на неговиот сон, што неминовно ќе биде од заединчка корист. Му посакуваме што поскоро исполнување на овој прекрасен сон, а секој кој сака да даде поддршка, ова е линкот.