Петар Колев
Согласно указот издаден од претседателот Радев, денес ќе се конституира новиот парламент во Бугарија.
Освен ГЕРБ на веќе поранешниот премиер Борисов, во Парламентот се и „Има таков народ” на г. Станислав Трифонов, Бугарската социјалистичка партија- БСП со претседателот Корнелија Нинова, ДПС-Движење за права и слободи (партијата на г. Ахмет Доган), Демократска Бугарија водена од Христо Иванов и Исправи се!-граѓанско протестно обединение околу поранешниот правобранител Маја Манолова.
Позициите на ГЕРБ и Има таков народ во однос на Македонија ги анализирав во (дел 1), овие редови во вториот дел се посветени на останатите политички играчи.
Третата политичка сила БСП, се наследниците на комунистичката Партија (БКП)- денешно БСП, од чии редови е и претседателот на ПЕС-Партијата на европските социјалисти г. Сергеј Станишев, кој е близок пријател на македонскиот премиер Заев, политичарот кој се појави на големите антивладини протести во Скопје 2016 година, со јасна поддршка за сестринската партија СДСМ и премиерот Заев. Корените и потеклото на Станишев се преплетени со Егејска Македонија и Струмица и неговиот искрен лобизам за Македонија и Заев е разбирлив од гледна точка на емоционалната и лична поврзаност со Македонија.
Но, многу често БСП, како негова матична партија, како и лидерот Корнелија Нинова, демонстрираа различни политики и ставови од Станишев и ПЕС, а конфликтот меѓу нив е задлабочен до таков степен што комуникација речиси и нема. Нинова го саботираше и гласаше против Истанбулската конвенција во бугарското Собрание и покрај тоа што таа политичка линија е во основата на политиката на ПЕС и АЛДЕ.
Сите пратеници на БСП ја поддржаа рамковната позиција за Македонија во бугарскиот Парламент со кое ја бетонираа својата позиција спротивно на линијата на Станишев и ПЕС.
Човекот со најсериозни меѓународни позиции и искуства, неверојатен ерудит, и за мене еден од најквалитетните бугарски дипломати и политичари во моментот, кој впечаток сум го стекнал лично, Кристијан Вигенин- поранешен министер за надворешни работи на Бугарија, дипломат со исклучителни капацитети и подготвеност (кој е и единствениот победник од редиците на БСП на овие избори од својот изборен регион Јамбол), е со јасна и конкретна позиција во насока за вето кон Македонија.
Корнелија Нинова, претседателот на БСП, исто така е со јасна подршка за рамковната позиција и блокадата на Македонија.
Товарот кој лежи на грбот на БСП од периодот на „македонизацијата” на Пиринска Македонија, етикетата која ја закачил на нивниот грб како национални предавници политиката на Благоев и особено Георги Димитров, како и сериозниот отпор во партијата од страна на поконзервативното и патриотски позиционирано крило околу Манол Генов и Кристијан Вигенин, се сериозна кочница за можен исчекор на БСП во насока на поддршка за Македонија и почнување преговори.
Политичката криза во партијата се оцртува јасно, имајќи предвид дека се трета сила на овие избори, кое е сериозен удар кон авторитетот на БСП, а битката за лидерската позиција допрва претстои, што значи дека оваа тема сврзана со Македонија или ќе биде изоставена на заден план или ќе послужи за радикализација на лидерството на БСП, но за жал во насока на блокада на Македонија.
Нема како да не го спомнам и личниот момент сврзан со разочарувањето на лидерот Нинова од блискоста на Борисов и Заев, кое се отчитува во редиците на сестринската партија БСП како политички удар. Тој момент е многу подлабок, особено од страна на влијателните фигури во БСП, но еквилибристичниот дипломатски однос на Димитров и Заев, искрено непознавањето на бугарските политички, бизнис и лоби кругови, како и приодот на „итроштина” од балкански тип нема како да не создаде таков конфронтирачки краен резултат.
ДПС-Движењето за права и слободи, од чии редици е и европратеникот Илхан Ќјучук, исто така гласаа за рамковната позиција во Парламентот. Тука огромни изненадувања нема да има, бидејќи односите на ДПС кон Македонија до голем степен се повлиаени од ред внатрешни односи, но и огромните руски- бизнис интереси, кои се сврзани со силни и влијателни фигури во самата партија.
Оваа тема со ДПС и руското влијание во нејзините редови е исклучително длабока, особено ако се има предвид дека големиот дел од стратешките објекти од руски интерес во Бугарија се реализираат од фирми блиски до движењето за права и слободи.
Единствената политичка формација со изразени про-македонски ставови е Демократска Бугарија, предводена од Христо Иванов, поранешен министер за правда. Во негово време како министер има најмногу откази за добивање на бугарско државјанство на кандидати од Македонија. Во коалицијата која ја води учествуваат и Демократи за силна Бугарија на поранешниот премиер Иван Костов, како и една од многуте зелени партии. Христо Иванов е дете на родители со јасно комунистичко педигре, но и потекло од Македонија.
Неговиот татко Љубомир Иванов е член на БКП, а неговата мајка Марија Бојкикева е родена во Москва, ќерка е на Недјалко Бојкикев комунист и политички емигрант во Москва. Неговата мајка се враќа во Бугарија по комунистичкиот преврат и работи како редактор во изданијата на БКП.
Голем дел од таканаречениот македонски кружок во Софија во кои спаѓаат и кореспондентот на МИА од Софија Николај Крастев, историчарите и аналитичарите како Николај Василев-долгогодишен член на земјоделската партија чии идеолог Александар Стамболиски е убиен од ВМРО заради про-српски позиции, Бечев, Дечев итн. се активисти и агитатори околу Демократска Бугарија.
Последната парламентарна група е риба, рак и штука со исклучително име Исправи се! Мутри вън!, предводена од Маја Манолова. Таму нема идеологија и позиција, едни се леви како г-ѓа Манолова и Татјана Дончева, други се десни како ПР експертот г. Арман Бабикјан. Тие немат позиција по македонскиот спор, но и тешко ќе изградат. Кандидат за пратеник и многу близок соработник на Маја Манолова е Никола Вапцаров, потомствен роднина на поетот Вапцаров, кое би било интересно со оглед на тоа каква позиција би имале по македонското прашање.
Без разлика на се, Бугарија влегува во сериозна политичка нестабилност. Ударите од Ковид пандемијата во насока на економијата, како и сите други предизвици околу тоа се факт. Во наредниот период фокусот на целото општество, но и на идната Влада ќе биде насочен кон средствата од ЕУ, како и санацијата и раздвижување на економијата.
Претстојат и претседателски избори во октомври, а евентуална радикализација и желба за политички реваншизам кон предходната власт се движат низ воздухот, но и главите на некои од новите политички лидери.
Мислам дека темата за Македонија и решавањето на овој проблем, ќе останат далеку наназад во дневниот ред на овој парламентарен состав, кој впрочем нема и да има долг живот.