Што е она што ги прави жените заводливи? Магнетната привлечност, убавината, погледот или насмевката полна со самодоверба?
Потребна е и доза на мистерија, харизма и храброст. Режисерите од златниот период на Холивуд би рекле дека тоа е комбинација на шарм и гламур што е исклучително ретка карактеристична.
Секоја жена на оваа листа е вистинска безвременска убавица. Секако, постоеле уште многу преубави жени кои поседувале нешто посебно во својот став, изглед и карактер, но, за овие, воздивнуваше целиот свет, ги сакаа, им се додворуваа…
Клаудија Кардинале
Италијанската убавица, која денес има 82 години, е родена во Тунис. Во својата младост беше прогласена за најубава Италијанка во Тунис, но откако влезе во светот на филмот на 20-годишна возраст уште со својата прва улога го маѓепса светот. Во својата кариера глумела во бројни филмови, и е добитник на исто толку награди.
Кога имала 20 години, се запознала со филмскиот продуцент Френк Кристалди. Како што и самата еднаш изјави, тие направиле свадбена веселба, но никогаш не се венчале. Но, љубовта на нејзиниот живот бил режисерот Паскал Сквитери, со кого беше во брак 42 години, сè до неговата смрт во 2017 година.
„Никогаш не верував во тоа дека скандал придонесува за актерска кариера. Никогаш не се открив себеси или своето тело во филмовите. Мислам дека мистериозноста е навистина важна“, рече Кардинале во едно интервју. „Лос Анџелес Тајмс“ ја прогласи за една од најубавите актерки на сите времиња.
Ава Гарднер
Поради својот талент, но и нејзината беспрекорна убавина, Ава Гарднер беше една од најпознатите актерски ѕвезди во 50-тите години на минатиот век, а во 1999 година Американскиот филмски институт ја прогласи за една од најголемите жени на сите времиња.
Само што пристигнала во Лос Анџелес, се запознала со актерот Мики Руни, со кого и се омажила на 20-годишна возраст во 1942 година. Бракот не траеч многу и тие се разделиле уште следната година поради неговата склоност кон коцкање и жени.
Нејзиниот трет и последен брак бил со Френк Синатра, кој траел од 1951 до 1957 година. Таа во својата автобиографија за него напиша дека бил љубовта на нејзиниот живот. Френк Синатра се развел од својата сопруга Ненси токму поради Ава. Тогаш Синатра беше „распнат“ од медиумите и јавноста затоа што ја остави својата сопруга Ненси поради фаталната жена, а Ава го искористи своето влијание за Френк да ја добие улогата во филмот „From Here To Eternity“, што го ревитализирал и како актер и како пејач.
„Невозможно е да си со Френк. Како да си со жена. Тој е толку нежен. Како да се плаши дека ќе ме скрши ако ме допре“, еднаш изјави Гарднер, која остана пријателка со Френк до крајот на нејзиниот живот.
По разводот со Синатра, се преселила во Шпанија каде станала блиска пријателка со писателот Ернест Хемингвеј. Кога била со него во неговата вила во Хавана, таа пливала во базен без костим за капење. Хемингвеј наводно побарал никогаш да не се испразни водата од тој базен.
Брижит Бардо
Најпозната по портретирањето на сексуално еманципирани жени и хедонистичкиот начин на живот, Брижит Бардо беше една од најголемите секс симболи на 50-тите и 60-тите години на минатиот век. Иако се повлече од шоу-бизнисот во 1973 година, таа сè уште важи за икона на поп-културата.
Родена и порасната во Париз, својата меѓународна слава ја доби на 23-годишна возраст со филмот „Et Dieu Crea La Femme“. Симон де Бовоар исто така напиша есеј за неа, опишувајќи ја како „локомотива на женската историја“.
Таа се повлече од светот на шоу-бизнисот на помалку од 40 години, а до тогаш веќе имаше снимено 47 филмови и 60 песни.
Бардо беше во брак четири пати. За прв пат, на 18-годишна возраст, со режисерот Рожа Вадим. Тие беа во брак пет години, а откако се разделија тие останаа пријатели и соработуваа заедно на многу проекти. Причината за разводот наводно била нејзината врска со двајца мажи. Била во врска со разни актери, а со еден од нив, добила син, кој пораснал со семејството на нејзиниот сопруг и со кој воспоставил врска само во тинејџерските години. Потоа била во брак со германски милионер, но по три години решиле да се разделат. Нејзиниот последен брак трае до денес, со Бернард Д’Ормал со кого се омажи во 1992 година.
Мерилин Монро
Како и Брижит Бардо, и Мерилин Монро беше една од најпопуларните секс симболи во 1950-тите и 1960-тите години на минатиот век. Играјќи во комедиите „Some Like It Hot“ и „Gentlemen Prefer Blondes“ таа стана симбол на сексуалната револуција.
Десетина години беше најбараната, но и најплатената актерка во Холивуд, а нејзините филмови во тоа време носеле заработка и над 200 милиони американски долари, сè до нејзината смрт во 1962 година.
Нејзиниот приватен живот привлекуваше големо внимание. Таа се бореше со зависност, имаше проблеми со исхраната и нејзините бракови со бејзбол ѕвездата Џо Ди Маџо и писателот Артур Милер ги исполнуваа насловните страни на весниците. Двата брака завршија со развод. Мерилин Монро почина на 36-годишна возраст во нејзиниот дом во Лос Анџелес.