Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес ги повика сојузниците да го разгледаат полноправното членство на Украина во НАТО како алтернатива на безбедносните гаранции.

За време на обраќањето до земјите-членки на Северноатлантската алијанса во Берлин, Зеленски процени дека, благодарение на силната украинска армија, НАТО ќе стане уште посилна организација, објавува порталот „Униан“.

„Полноправното членство на Украина во НАТО би било поефикасна безбедносна гаранција од предлозите за безбедносни гаранции што на некој начин би личеле на Член 5 од Северноатлантскиот договор“, рече украинскиот претседател.

Според него, влезот на Украина во НАТО би претставувал поевтино и посигурно решение.

Зеленски истакна дека Украина треба да добие конкретни одговори на прашањето кои земји би ја поддржале доколку повторно биде изложена на руски напад.

„Кои војници ќе бидат распоредени однапред на наша територија? Колку ќе чини сето тоа и дали навистина ќе функционира? Тоа не е едноставно прашање. Досега не сме слушнале јасни и конкретни одговори“, рече Зеленски.

Тој додаде дека сите членки на НАТО се заинтересирани за искуството стекнато од украинските војници за време на војната.

Според него, украинските сили покажаа дека одбраната на земјата е многу ефикасна преку операции на копно, море и во воздух.