Унгарскиот премиер Петер Маѓар најави дека наскоро ќе го посети Закарпатието, регион во западна Украина, за да изрази поддршка за тамошното унгарско малцинство. Тој во парламентот рече дека од почетокот на војната ниту еден унгарски премиер не ги посетил Унгарците во регионот, каде што самиот бил во 2024 година како опозициски политичар, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.

Маѓар во октомври, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави дека се договориле за нов почеток во односите меѓу двете земји. Тој и натаму бара заштита на правата на унгарското малцинство. Будимпешта тврди дека украинските прописи ги ограничуваат неговите јазични, образовни и културни права.

Маѓар порача и дека преговорите за буџетот на ЕУ за периодот 2028–2034 година и за финансиската помош за Украина треба да се водат одделно. Тој рече дека Унгарија не може да го прифати најновиот буџетски предлог на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. За буџетот ќе разговара со премиерите на Чешка, Полска и Словачка на состанок во Братислава, на кој ќе присуствува и австрискиот канцелар Кристијан Штокер.