Аце Велковски по средбата со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави заедничка и посветена работа за обединување на партијата, надминување на внатрешните поделби и враќање на довербата кај граѓаните. Во фокусот на разговорот биле иднината на СДСМ, предизвиците со кои се соочува партијата и потребата од посилно присуство меѓу граѓаните.

Велковски порача дека е време за нов почеток, со место за сите членови, младите, интелектуалците и оние кои се почувствувале заборавени, повикувајќи на единство, меѓусебна почит и заедничка работа за посилна партија и подобар живот на граѓаните.

Целосната објава:

ВРЕМЕ Е ПОВТОРНО ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ. ВРЕМЕ Е ДА ВЕРУВАМЕ. ВРЕМЕ Е ЗА НОВ ПОЧЕТОК!
Денес остварив средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на која разговаравме за иднината на партијата, за предизвиците со кои се соочуваме и за потребата од заедничка работа на терен, меѓу луѓето, таму каде што се создава довербата.
Договоривме да работиме заедно, посветено и одговорно, со една заедничка цел – враќање на силата на СДСМ, враќање на довербата кај граѓаните и создавање услови за победа на следните парламентарни избори.
Но, зад секоја политичка победа мора да стои нешто многу поважно – подобар живот за граѓаните.
Верувам дека СДСМ мора повторно да биде дом на сите свои членови, на оние кои со години ја граделе партијата, на оние кои биле на првите линии, но и на оние кои во изминатите години се почувствувале заборавени или отфрлени.
Место мора да има за младите, за новите генерации, за чесните и докажани луѓе, за интелектуалците, за граѓанскиот сектор и за секој човек кој верува дека Македонија може и заслужува подобро.
Не смееме да дозволиме разочарувањето да биде посилно од надежта, ниту поделбите посилни од заедничката иднина.
Не ни треба СДСМ на поединци. Ни треба СДСМ на членството, на граѓаните и на идеалите за кои постои.
Јас верувам во единство, во меѓусебна почит, во работа и во одговорност. Верувам дека можеме да изградиме нова енергија и да отвориме страница на која секој ќе се чувствува прифатен, почитуван и вреднуван.
Затоа што политиката не смее да биде цел сама за себе. Таа мора да биде начин да им служиме на луѓето.
Време е да ги оставиме разликите зад нас, да ги обединиме силите и повторно да ја вратиме надежта.
За посилна партија. За посилна демократија. За достоинствен живот на секој граѓанин.
ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ. ДА СЕ СЛУЧИ НАРОДОТ. ДА СЕ СЛУЧИ НОВИОТ ПОЧЕТОК!