Европската Унија сака да го обнови договорот со Сирија, потпишан во 2008 година, кој никогаш не стапил во сила, изјави денеска шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
„ЕУ настојува да ги подобри односите со Сирија, а министрите за надворешни работи денеска го поддржаа тоа“, изјави Калас.
ЕУ ја прекина соработката со Сирија во 2011 година поради репресијата на режимот на Асад. Тој беше соборен кон крајот на 2024 година, по што власта ја презедоа исламистички групи предводени од Ахмед ал Шара, кој стана претседател на Сирија.
Калас истакна дека Унијата мора поактивно да се вклучи во случувањата во Сирија, предупредувајќи дека во спротивно нејзиното место ќе го заземат други.
На состанокот министрите разговарале и за продолжување на помошта за Украина во пресрет на зимата, зголемување на притисокот врз Русија и вклучување на ЕУ во мировните преговори.
Советот на ЕУ денеска воведе нови санкции против 12 лица и 101 компанија и организација поврзани со рускиот енергетски и финансиски сектор и таканаречената флота во сенка.
Меѓу санкционираните се речиси 50 руски банки и финансиски институции, како и компании од нафтениот сектор. Санкциите предвидуваат замрзнување на имотот, а на лицата опфатени со мерките им се забранува влез во ЕУ.



















