Вкупно 15 случаи на семејно насилство биле пријавени во изминатите 24 часа на територијата на целата држава, информира Министерството за внатрешни работи. Во дел од случаите полицијата интервенирала и привела осомничени за физички напади и закани врз членови на семејствата.

Меѓу пријавените случаи има напади врз сопруги, поранешни партнерки, родители, деца, но и врз други членови на семејството.

Во Охрид биле приведени двајца мажи на возраст од 31 и 34 години, по пријави дека физички ги нападнале своите партнерки. Во гостиварскиот регион полицијата привела тројца мажи на возраст од 32, 37 и 56 години. Едниот бил пријавен за напад врз поранешна девојка, другиот за напад врз сопругата, а третиот за упатување закани кон својот син.

Во струмичкиот регион биле приведени тројца мажи на возраст од 42, 59 и 62 години. Едниот бил пријавен за физички напад врз сопругата, вториот за агресивно однесување кон 91-годишната мајка и закани кон братот, а третиот за напад врз сопругата.

Полицијата интервенирала и во Велес, каде што биле пријавени меѓусебни физички напади меѓу поранешни партнери. Приведена била 33-годишна жена, откако поранешниот невенчан сопруг пријавил дека го нападнала, а подоцна и таа пријавила дека била нападната од него.

Во Куманово, пак, бил приведен 19-годишник по пријава дека физички го нападнал својот татко.

Во Скопје биле пријавени неколку случаи, меѓу кои напад врз сопруга во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар, физички напад врз 16-годишно момче од страна на неговиот татко, закани упатени кон родители од нивниот 18-годишен син, како и напад врз 52-годишен маж од неговата сопруга, која фрлала предмети кон него и употребила тврд предмет. Според пријавата, таа се обидела да ја нападне и неговата мајка.

Од МВР велат дека по сите пријави се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Од Министерството апелираат граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навреме да го пријавуваат. Секој што е жртва или има сознанија дека друго лице е изложено на насилство може да се обрати во најблиската полициска станица или да се јави на броевите 112 и 192.

[embedded co te t]