Јеменските бунтовници Хути соопштија дека денеска со две балистички ракети го нападнале меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, како и финансиски центар во саудиската престолнина, објави „Ал Џезира“.
Покрај тоа, тврдат дека со уште шест балистички ракети гаѓале саудиски сили распоредени во кампот „Кава“ во јужен Јемен, како и воени позиции во блиската провинција Лахџ.
Нападите доаѓаат во период на засилени судири во Јемен. Претходно денеска, владините сили се повлекле од подрачјето околу стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб поради континуираните напади на Хутите.
Војската на меѓународно признатата јеменска влада соопштила дека ги прераспоредува своите трупи од Баб ел-Мандеб и од други важни крајбрежни области.
Јеменската влада е сместена во Аден, на јужниот брег на земјата, од 2015 година, кога Хутите ја презедоа контролата врз главниот град Сана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.




















