Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците во 32 града низ Португалија, барајќи од владата итни мерки за справување со сè потешката станбена криза во земјата.

Протестите, организирани од платформата „Casa Pa a Vive “ (Дом за живеење) под слоганот „Нема да ни го украдат правото на дом“, се одржаа во Лисабон, Порто, Фаро, Портимао, Коимбра, Брага и други градови.

Ma ifestação Casa pa a Vive , Lisboa https://t.co/vADIhqO1K9

— Be a do (@_a d ebe a do_) Novembe 14, 2026

Демонстрантите бараат построга контрола на кириите, поголема заштита на станарите од иселување и повеќе инвестиции во изградба на достапни јавни станови. Тие бараат и повлекување на предложените измени на законот за изнајмување станови.

Портпаролката на платформата, Рита Силва, изјави за новинската агенција Луса дека протестите низ целата земја покажуваат оти станбената криза не ги погодува само големите градови, туку и останатите делови на Португалија.

Платформата обединува околу 100 здруженија и локални организации. Покрај контролата на кириите, бара и построги правила за договорите за изнајмување, празните недвижности и краткорочниот туристички наем, како и мерки против шпекулациите со недвижности.

Протестите следуваат откако парламентот во начело го прифати владиниот предлог за измени на законот за изнајмување станови. Со предложените измени би се овозможила поголема флексибилност на договорите за наем и забрзување на постапките за иселување.

Активистите предупредуваат дека ваквите промени би можеле дополнително да ја ослабат заштитата на станарите, во услови на раст на кириите и сè потешко наоѓање достапен стан.

На протестите им претходеше средба во петокот меѓу португалскиот претседател Антонио Жозе Сегуро и активистите за правото на домување. Претставниците на платформата ја поздравија средбата и го повикаа премиерот Луиш Монтенегро лично да се вклучи во разговорите со нивното движење.