Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, во рамките на официјалната посета на Турција, ја посети Историската чаршија во Бурса, каде што беше пречекан од претставниците на Здружението на Историската чаршија и хановите на Бурса, предводени од претседателот Иса Алтикардеш. Ова здружение претставува околу 4.000 продавници и деловни субјекти, претставувајќи значаен модел на организирање на занаетчиите и трговците.
За време на средбата се разговараше за практиките на Бурса во зачувувањето на културното наследство, организирањето на еснафите и поддршката на економскиот развој во историските подрачја. Меџити го истакна значењето на ова искуство за процесот на ревитализација на Старата скопска чаршија, со цел економскиот развој да се усогласи со зачувувањето на историскиот и културниот идентитет.
Истовремено, беше изразена подготвеност за проширување на соработката меѓу двата збратимени града и на ниво на еснафските здруженија, преку размена на искуства и успешни практики. Оваа соработка има за цел зајакнување на занаетчиската и трговската дејност, како и создавање нови можности за одржлив развој на Старата скопска чаршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.



















