Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара надзорната расправа за случувањата поврзани со Алта банка да се одржи утре, 5 ноември, во 11 часот. Пратеникот Бојан Стојаноски изјави дека партијата ги собрала потребните потписи за да побара итно закажување на расправата од претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.

Стојаноски потсети дека во понеделникот Комисијата едногласно донела одлука за одржување надзорна расправа за Алта банка, при што ВМРО-ДПМНЕ побарала таа да се организира што е можно побрзо.

Според него, на денешната координација на пратеничките групи било предложено расправата да се одржи веќе утре, но од страна на СДСМ имало колебање околу предложениот термин.

„Ние предложивме да ги скратиме сите можни процедури коишто се дадени во Деловникот, за да можеме и гостите да ги поканиме во текот на денешниот работен ден, а и на сите отворени прашања поврзани со оваа тема да дадеме одредени одговори“, изјави Стојаноски.

Тој посочи дека до моментот на неговата изјава не добиле одговор на барањето, поради што, повикувајќи се на член 126 став 2 од Деловникот на Собранието, обезбедиле потписи од една третина од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет.

„Бараме од неа да ја закаже надзорната расправа утре, во 11 часот, бидејќи сметаме дека оваа важна тема заслужува одговори сега и веднаш“, рече Стојаноски.

Пратеникот нагласи дека целта не е политизација на случајот, туку добивање одговори на прашањата од јавен интерес. Според него, нема причина за дополнително одложување бидејќи Комисијата имала време од понеделникот да ги спроведе потребните процедури.

„Ајде да не одложуваме повеќе и утре, веднаш и неодложно, да ја одржиме надзорната расправа“, повика Стојаноски.

Тој додаде дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги постават прашањата што ја интересираат јавноста, оценувајќи дека околу случајот се создава непотребна паника и дека граѓаните заслужуваат одговори.