Седумнаесетгодишната девојка од Богданци, која претходно пријавила физичко насилство од својот партнер, е пронајдена УБИЕНА во опожарено возило. Нејзиниот 21-годишен насилен партнер, по убиството, се самоубил. Само еден месец претходно, на 30 септември, тој физички ја нападнал во својот дом, а на 1 октомври бил лишен од слобода. Денес повторно читаме за мртва девојка која претходно побарала помош. И веќе не знаеме како да ја опишеме оваа општествена катастрофа, ги коментира политичката партија Левица последните сознанија за трагедијата во Богданци.
„Росица од Велес пријавувала закани, вознемирување и насилство. Нејзиниот убиец доби условна казна, а само неколку дена подоцна ја уби неа и нејзиниот татко. Ивана од Тафталиџе со години трпела физичко и психичко насилство, а само два часа пред смртта, заедно со својата шестгодишна ќерка Катја, повторно се обратила во полиција. Танкица од Кочани, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари. Секој од овие случаи носи име, лице, семејство и живот кој повеќе никогаш нема да се врати. Зад секоја од овие трагедии стојат предупредувања, пријави, закани и институции кои имале обврска да реагираат.
Уште колку жени треба да бидат убиени? Колку девојки треба да пријават насилство за полицијата, обвинителството и судовите конечно да сфатат дека нивното постапување може да биде разликата меѓу животот и смртта? Не можеме повеќе да ги слушаме истите соопштенија, истите изрази на жалење и истите ветувања за институционална одговорност. Не можеме да прифатиме секоја следна жртва да стане повод за неколкудневен јавен револт, по што сè продолжува по старо.
Државата не може да се прогласува за заштитник на жените, а да ги остава сами пред насилниците од кои побарале помош. Не може да повикува на пријавување насилство, а потоа да не обезбеди реална заштита. Не може да зборува за семејни вредности, додека во семејствата се случуваат тепања, закани, психичко малтретирање и убиства!
Заедничката нишка во сите овие случаи е непостапувањето на полицијата. Иако целиот систем за заштита на жртвите е РАСПАДНАТ, заштитата започнува од одговорни полицајци кои ќе постапат кога жената ќе пријави насилство, од сериозна процена на опасноста и од систем кој нема да дозволи насилникот по една ноќ во притвор повторно удобно да се врати во домот на својата жртва. Панче Тошковски мора да преземе одговорност за состојбите во сопственото министерство. Не можеме повеќе да гледаме како жените во Македонија плаќаат со своите животи за нефункционалноста на МВР!“, се вели во партиското соопштение.

















