Во пресрет на вториот изборен круг за градоначалник на Брвеница во недела, премиерот Христијан Мицкоски вели дека очекува поддршка од жителите без разлика на етничка или партиска припадност. Им порача да не подлегнуваат на етничките поделби и ги повика да гласаат за оние кои сметаат дека ќе им донесат подобри времиња.

„Мојата порака кон нив е следна: дека тие ќе продолжат да живеат еден со друг и после 1 ноември, после недела. Ќе дојдат политичари коишто ќе ги делат по етничка припадност најчесто. Тоа се очајници коишто на овој начин се трудат она малку што остана од нивната политичка иднина да ја спасат, она малку што остана. Но, не заборавајте дека тие ќе си заминат и нема очи да им видите, а вие ќе останете да живеете и понатаму едни со други, Македонци и Албанци. И немојте никогаш да гласате затоа што некој од политичарите ви вели гласајте за овој затоа што е етнички припадник на таа заедница или на другата, туку гласајте онака како што ви вели и разумот и срцето, гласајте за оној којшто ќе ви донесе подобри времиња за вас и вашето семејство и повеќе проекти“, рече премиерот Мицкоски.

Ги повика граѓаните да не ги спасуваат изгубените и удавени политичари.

„Оставете не нас политичарите. Гласајте за оној којшто мислите дека ќе изработи повеќе проекти за вас. Немојте да ги спасувате изгубените и удавени политичари коишто ги гледаме 20 години што направија на политичката сцена во Македонија. На 2 ноември ќе заборават сѐ што ви ветиле. Повторно ние како Влада ќе се вратиме на 2 ноември и ќе го направиме патот од Стенче до Гургурница, ќе ја правиме градинката во Челопек, ќе го правиме училиштето во Седларце и така натаму и стадионот во Радиовце“, вели премиерот Мицкоски.

Во трка за градоначалник в недела ќе бидат Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг освои 2.945 гласови, и Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција со освоени 2.152 гласа во првиот круг.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.