Минатата недела, патнички авион на турската авиокомпанија „Пегасус ерлајнс“ се обиде да полета во погрешна насока на аеродромот во Франкфурт. Германската контрола на летање го опиша инцидентот како исклучително редок.
Во вторникот, авион од типот „Ербас А321“, кој требало да лета за Истанбул, почнал да се движи по пистата во погрешна насока. Пилотите го прекинале полетувањето при брзина од приближно 65 километри на час, потврди вчера портпарол на германската контрола на летање (DFS).
„Ова не се случува често, особено не во Германија“, изјави портпаролот.
Авионот добил дозвола за полетување кон југ од пистата 18 на најпрометниот германски аеродром. Сепак, откако влегол на пистата преку предвидената пристапна точка, тој почнал да се движи кон север.
Портпаролот на DFS изјави дека контролорите на летање веднаш ја забележале грешката и им наложиле на пилотите да ја ослободат пистата. Тој нагласи дека немало непосредна опасност, бидејќи ситуацијата била ставена под контрола навреме.
Германската контрола на летање го пријавила инцидентот до Сојузното биро за истражување на авионски несреќи (BFU). „Фрапорт“, компанијата што управува со аеродромот во Франкфурт, исто така потврди дека се случил „инцидент“, но не даде дополнителни детали.
Според порталот The Aviatio He ald, авионот полетал без проблеми седум минути подоцна, движејќи се во правилната насока – кон југ.















