В четврток, на 22 октомври од 19 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Конгломерати“ од Сашо Ацковски.
Проектот содржи околу 25 дела, изработени во акрилна техника на платно на блинд рамови, со прилепени (колажирани) електронски делови, со различни димензии. Како што кажува и самиот наслов, во делата е преставена организирана концентрација на различни елементи по својата природа, од една страна апстрактни мотиви создадени од човечка рака и од друга страна електронски индустриски делови создадени од машина, на тој начин пресликувајќи го современото општество во уметничкото делото.
Иако спротивни по својата природа елементите меѓусебно се испреплетуваат и создаваат една меѓусебна синергија, односно нова целина, нова реалност. Се додека постои урамнотеженост помеѓу спротивностите, конгломератот функционира, во спротивно настапува хаос во таа нова реалност.
Целта на проектот е да ја поттикне публиката да размисли за балансирана и контролирана употреба на техниката и технологијата во секојдневниот живот. Да ја користи истата само како средство, односно алатка за подобро опстојување и функционирање во општеството, а со самото тоа да се постигне враќање кон реалните социјални интеракции и комуникации, односно да поттикне враќање кон природата и хармонијата.
Сашо Ацковски е роден 1972 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитето ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во 2012 година, отсек сликарство со насока конзервација и реставрација во класата на проф. Благоја Маневски (претходно во класата на проф. Вело Ташовски и проф.Свето Манев). Учествувал на сите завршни годишни изложби во рамките на факултетот, како и во групни изложби на КОРА и Арт студио ЛИНЕА. Исто така учествувал во проектот ,,Односот помеѓу уметникот, институциите и публикатa”, во рамките групата ТРИАНГЛ под водство на проф. Сузана Милевска.
Во последните десет години работел на отсликување на повеќе црковни храмови Св, Лука во Кисела Вода. Св. Христово вознесение во Драчево, Света Троица во Долно Лисиче, Раѓање на Св. Јован Крстител во Бутел, Европскиот соборен храм Св.Наум во Малме, во соборниот храм Св.Климент во Сопје и Св.Илија во Аеродром. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2012 год.
Уметникот зад себе има повеќе самостојни изложби.


















