Европската Унија планира досега најсеопфатен пакет мерки за заштита на децата на интернет, кој предвидува ограничување на пристапот до социјални мрежи, видеоплатформи, чет-ботови со вештачка интелигенција и онлајн игри за помладите од 15 години. Предлогот, наречен Акт за децата во ЕУ (EU Kids Act), во четврток треба официјално да го претстават претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и еврокомесарката за технологија Хена Виркунен, според документ на Европската комисија во кој увид имал Ројтерс.

Според нацртот, младите со наполнети 15 години ќе можат самостојно да отвораат профили. Децата на возраст од 13 и 14 години ќе можат да имаат профили на социјалните мрежи и видеоплатформите со одобрение и задолжителен надзор од родителите, ограничен број контакти и строги временски ограничувања.

За децата од три до 12 години профилите целосно би ги контролирале родителите и би биле дозволени само услуги со високи безбедносни стандарди приспособени за деца. За помладите од три години пристапот до овие услуги би бил забранет.

Социјалните мрежи и видеоплатформите ќе мора да ја проверуваат возраста на корисниците при отворање профил, додека платформите за онлајн игри ќе треба да го прават тоа пред преземањето на игрите.

Од технолошките компании ќе се бара и да избегнуваат дизајн што поттикнува зависност и штетни алгоритми, како и да обезбедат едноставни начини за пријавување штетна содржина и ефикасни алатки за родителска контрола. Предвидена е и посебна надомест за компаниите со која би се финансирале надзорот и спроведувањето на правилата.

Предлогот сè уште може да претрпи измени. По неговото официјално претставување, Европската комисија ќе треба да преговара за конечниот текст со земјите членки и Европскиот парламент, процес што се очекува да трае неколку месеци.