Шкотската полиција потврди дека спроведува проверки во врска со престојот на поранешниот принц Ендрју на приватниот кралски имот Балморал, каде што бил во друштво на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин и неговата соработничка Гислејн Максвел, пренесува Еј-би-си њуз.

Од полицијата соопштија дека проверките се во многу рана фаза.

„Сите проверки се засноваат на докази, а потребите на жртвите се во нивниот центар“, се наведува во полициското соопштение.

„Никогаш не потврдуваме детали за истраги што се во тек и би било несоодветно дополнително да го коментираме овој случај“, додаваат од полицијата.

Американското Министерство за правда претходно годинава објави фотографии на кои се гледа поранешниот принц, сега познат како Ендрју Маунтбатен-Виндзор, како лови заедно со Епстин на имотот.

Британската полиција во февруари го уапси Маунтбатен-Виндзор и го задржа неколку часа под сомнение за злоупотреба на службената положба поврзана со неговите врски со Епстин.

Тоа беше првпат по речиси четири века да биде уапсен член на британското кралско семејство од толку висок ранг.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.