Франција повлекува седум милиони кондоми од европскиот пазар поради производствена грешка што може да предизвика нивно пукање или појава на ситни дупчиња, пренесува германската агенција ДПА.
Француската управа за заштита на потрошувачите ја забрани продажбата на 15 видови кондоми од повеќе брендови.
При инспекциски надзор на производствените погони биле утврдени неправилности во производството на ултратенки кондоми, односно нерамномерна дебелина на гумениот слој. Поради тоа, кондомите може полесно да пукаат или на нив да се појават ситни дупчиња.
Надлежните предупредуваат дека неисправните производи може да го зголемат ризикот од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.
Дел од кондомите биле повлечени уште претходно годинава, но постои можност неисправни производи и натаму да се наоѓаат во продавниците или кај потрошувачите низ Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.















