Соединетите Американски Држави воведуваат забрана за увоз на голем број канадски производи, вклучувајќи жестоки пијалоци, млечни производи и моторни возила. Оваа мерка доаѓа во време кога стапуваат во сила канадските одмазднички царини за американски стоки, што е најновиот развој на настаните во трговскиот спор меѓу двете земји, пишува Би-Би-Си.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера потпиша серија извршни наредби со кои се забранува увозот од 29 септември. Во нив, тој наведе дека Канада ги „дискриминира“ Соединетите Американски Држави. Белата куќа појаснува дека Отава ја ограничува дистрибуцијата на американски стоки, додека истите правила не важат за производи од други земји. Според регулативите, мерките се насочени кон разни алкохолни пијалоци и млечни производи како што е сурутката.

Порано истиот ден, канадскиот премиер Марк Карни во видео обраќање изјави дека оддалечувањето на неговата земја од САД како нејзин најголем трговски партнер „ќе има своја цена“. Канада истовремено ги активираше своите контрамерки, при што царините за американски стоки, вклучувајќи челик, облека и мебел, стапуваат во сила по полноќ во вторник. Би-Би-Си побара коментар од канцеларијата на премиерот Карни.

Ова е продолжение на повеќемесечниот спор меѓу САД и Канада, историски блиски сојузници и клучни деловни партнери. Минатиот месец, по неуспешни преговори, Белата куќа воведе царини од 50 проценти на канадска стока во вредност од околу 20 милијарди долари.

Текстот САД воведуваат забрана за увоз на неколку канадски производи е превземен од МАКФАКС.