Остатоците од болничкиот брод „По“, потонат во близина на брегот на Албанија за време на Втората светска војна, денес претставуваат своевиден вештачки гребен.

На нивната површина бујно се развива морски живот – остатоците од бродот привлекуваат инвазивни видови, додека во нивните заштитени делови се забележани ретки морски суштества, пишува „Телеграф“.

На дното на Јадранското Море, недалеку од Валонскиот Залив, лежи брод кој во текот на децениите станал дел од еден сосема поинаков свет. Болничкиот брод потонал во 1941 година, откако за време на Грчко-италијанската војна бил торпедиран од авион „Fairey Swordfish“ на британската поморска авијација.

Според истражувањето, објавено на 27 јули во списанието „Frontiers in Ocean Sustainability“, повеќе од 80 отсто од површината на остатоците од бродот е прекриена со морски живот.

Појавата при која потонатите структури привлекуваат морски организми и овозможуваат нивно населување е позната како „ефект на вештачки гребен“. Кога цврста структура ќе се најде под вода, таа станува нова подлога за населување на различни видови. Пукнатините, шуплините и вдлабнатините можат да служат како засолништа, додека алгите и другите организми што растат на површината обезбедуваат дополнителен извор на храна.

Иако Валонскиот Залив и претходно бил предмет на бројни истражувања, за самите остатоци од бродот „По“ немало историски биолошки ниту квантитативни податоци.

Затоа, новата студија се обидела да утврди како конструкцијата на бродот влијаела врз морското дно во неговата околина и на кој начин морските организми со текот на времето го населиле потонатиот брод.

Меѓу жителите на потонатиот брод се нашол и вид кој природно не му припаѓа на Јадранското Море – рибата лав (*Pterois miles*), која потекнува од топлите крајбрежни води и коралните гребени на западниот дел од Индискиот Океан и Црвеното Море.

Истражувачите меѓу јуни 2022 и септември 2024 година ги забележале овие риби околу потонатиот брод кај албанскиот брег, на околу 1.300 километри од нивното природно живеалиште. Во еден момент биле забележани дури седум единки истовремено.

Авторите на студијата сметаат дека остатоците од потонати бродови како „По“ можат да привлекуваат инвазивни видови од нивните природни живеалишта кон водите со поумерена клима.

„За жал, не можам ова да го наречам научно изненадување, бидејќи последиците од климатските промени денес, за жал, се добро познати и предвидливи“, изјави Симоне Модуња, биолог од Универзитетот во Ферара и еден од авторите на истражувањето.

Според него, можеби изненадува брзината со која се одвиваат климатските промени, бидејќи тие стануваат движечка сила и дополнително го забрзуваат продорот на тропските и туѓите организми во нови подрачја.

Модуња укажува на промените во соленоста и невообичаено високите температури на морето, вклучително и долготрајните периоди на екстремна топлина, пренесува „Live Science“.

Присуството на рибата лав е дел од пошироките промени што го зафаќаат Средоземјето. Сè поголем број инвазивни видови се движат од Црвеното Море преку Суецкиот Канал, а потоа продираат кон Јадранското Море. Зголемувањето на температурата на морето се поврзува со проширувањето на подрачјето на нивната распространетост.

Модуња предупредува дека овој инвазивен вид во следните 10 години би можел да стане „сериозен проблем“.

„Најмалку три години набљудувам постојан и незапирлив пораст на риби, како видот *Pterois miles*, долж албанскиот брег, како и на други инвазивни растителни видови и мекотели, но и спонтаното враќање на средоземната морска медведица“, изјави тој.

Тој додаде дека долж албанскиот брег, слично како во Грција и јужна Италија, морската растителност е под сè поголем притисок поради прекумерното хранење на морските организми, додека популацијата на инвазивни видови ‘експлодира’.

Истражувањето потврди дека пронаоѓањето на рибата лав кај потонатиот брод „По“ е меѓу најсеверните забележани појави на овој вид во Јадранското Море.

Сепак, приказната за бродот „По“ не е само приказна за ширењето на инвазивните видови.

Истражувачите околу остатоците од бродот евидентирале 28 видови, како и јајца што припаѓаат на семејството лигњи *Ommastrephidae*. Забележан бил и многу поредок посетител – средоземната морска медведица (*Monachus monachus*).

Најзначајното набљудување се случило во август 2023 година, кога истражувачите снимиле морска медведица како се одмора во заштитените шуплини на потонатиот брод. Тоа бил првиот потврден наод на овој вид во Валонскиот Залив од 1996 година.

Средоземната морска медведица главно се размножува во заштитени морски пештери долж средоземниот брег. Меѓутоа, туризмот и другите човечки активности ги потиснале овие животни во сè поизолирани и поопасни пештери. Дополнителна закана претставуваат рибарските мрежи и опасноста од заплеткување.

Токму затоа, присуството на морската медведица во остатоците од бродот „По“ би можело да биде особено значајно. Научниците сметаат дека таа можеби го користи вештачкиот гребен како „место за одмор“ во ситуации кога нејзините природни живеалишта се сè повеќе загрозени поради човечкото влијание.

Текстот Истражен потонат болнички брод кај Албанија: по 85 години откриена неочекувана тајна е превземен од МАКФАКС.