Според „Severe Weather Europe“, екстремен топлотен бран веројатно ќе ги покачи температурите на Иберискиот Полуостров на помеѓу 45 и 47 степени Целзиусови оваа недела.

Причината е продор на многу топол воздух директно од Сахара, додека нова термална купола се зацврстува над југозападниот дел од континентот, објавуваат медиумите во регионот.

Највисоката температура досега измерена во Шпанија била 47,6 степени, забележана на 14 август 2021 година во Ла Рамбла. Кога станува збор за цела Европа, рекордот го држи Сиракуза, Италија, каде што на 11 август 2021 година биле измерени 48,8 степени Целзиусови. Според прогнозите, некои делови од Шпанија би можеле да се приближат до тие рекорди, па дури и да ги срушат.

Претстојната екстремна топлина би можела да го зголеми ризикот од шумски пожари, да стави дополнителен товар врз инфраструктурата како што се водоводните системи и електричните мрежи, но и да го загрози здравјето на населението.

Ноќта нема да донесе значително освежување, бидејќи се очекува температурата да не падне под 25 степени дури ни во текот на ноќта.

Екстремно високите температури можат сериозно да влијаат на здравјето на луѓето, особено кај најчувствителните групи на население. Продолженото изложување на топлина може да доведе до топлотна исцрпеност, дехидратација, а во потешки случаи и до топлотен удар.

Топлинската купола претставува многу топла воздушна маса што е честа појава во текот на летото во Европа и носи долготрајни високи температури во областите над кои се наоѓа. Таа делува како капак на тава – го заробува топлиот воздух во долните слоеви на атмосферата и го спречува неговото распрснување, поради што топлината се акумулира од ден на ден.

Текстот На делови од Европа им се закануваат температури над 47 степени: топлотната купола од Сахара носи екстремна топлина е превземен од МАКФАКС.