Топлотниот бран што изминативе денови ги зафати Шпанија, Франција и Велика Британија се движи кон исток, а Германија, Чешка, Австрија, Луксембург и Швајцарија предупредуваат на екстремно високи температури. Во повеќе земји се очекуваат и до 40 степени Целзиусови, а паѓаат и температурни рекорди.
Во Франција, по најтоплиот ден во годината, Владата го подигна здравственото предупредување на највисоко ниво за да ги зајакне болничките капацитети и да ги заштити најранливите граѓани. Властите соопштија дека веќе се бележат смртни случаи поврзани со жештините, не само кај постари лица, туку и кај помлади кои доживеале срцев удар. Пријавени се и трагични случаи на починати деца оставени во автомобили.
Во Германија, метеоролозите предупредуваат дека топлотниот бран би можел да биде историски, а поради жештините е откажан Хамбуршкиот полумаратон. Во Чешка, Луксембург, Швајцарија и Австрија исто така се издадени предупредувања за екстремни временски услови.
Во меѓувреме, западна Франција се подготвува за силни грмотевични невремиња, додека во Шпанија по рекордните 45,1 степен се очекува благо заладување. Во Италија, музејот Уфици во Фиренца привремено ја запре продажбата на билети бидејќи системот за ладење не може да се справи со екстремните температури и големиот број посетители.
Според климатските експерти, Европа се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек, што придонесува за сè почести и поинтензивни топлотни бранови, суши и шумски пожари.
Текстот Нов топлотен удар во Европа: До 40°C во повеќе земји е превземен од МАКФАКС.













