Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес учествуваше на ЦЕФ Форумот 2026 на тема “Управување во услови на неизвесност и градење отпорни јавни институции“, кој се одржа во Скопје под покровителство на Министерството за финансии, со учество на високи владини претставници, експерти и носители на политики од регионот и Европа.
Во рамки на панел дискусијата посветена на лидерството и институционалната отпорност, министерот Минчев истакна дека во време на сè покомплексни предизвици, способноста за координација меѓу институциите претставува еден од најважните предуслови за успешно спроведување на реформите и испорака на квалитетни услуги за граѓаните.
„Најголемиот ризик во услови на неизвесност не е недостатокот на идеи или стратегии, туку ситуацијата кога институциите не успеваат да се движат во иста насока. Координацијата, довербата и заедничката визија се темелот на секоја успешна реформа“ – порача Минчев.
Осврнувајќи се на реформите во јавната администрација, тој го посочи процесот на подготовка на новиот реформски пакет како пример за успешно управување со комплексни промени во услови на различни очекувања и предизвици.
Дополнително потенцираше дека реформите во јавната администрација се директно поврзани со процесот на европска интеграција, професионализацијата на јавната служба и јакнењето на довербата на граѓаните во институциите.
Во своето обраќање, Минчев ја истакна и важноста на континуираниот професионален развој на административните службеници, нагласувајќи дека најважната инвестиција за секоја институција остануваат луѓето.
„Реформите можат да создадат правила, технологијата може да создаде алатки, но луѓето се тие што создаваат резултати. Ако сакаме отпорни институции, мора постојано да инвестираме во знаењето, вештините и лидерските капацитети на јавните службеници“ – истакна министерот.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведувањето на реформите кои ќе придонесат за модерна, професионална, ефикасна и граѓански ориентирана јавна администрација, усогласена со европските стандарди и подготвена да одговори на предизвиците на иднината, додаваат од оваа институција.
Текстот Минчев на ЦЕФ Форумот 2026: Реформите можат да создадат правила, технологијата може да создаде алатки, но луѓето се тие што создаваат резултати е превземен од МАКФАКС.


















