Нацрт-извештајот на ЕП ја потврди вистината – нема реформи, нема напредок, а Мицкоски ја оддалечува Македонија од ЕУ, сметаат од СДСМ.

Од партијата велат дека нацрт-извештајот на Европскиот парламент нотира недостаток на напредок во реформите, особено во однос на владеењето на правото, на што, како што велат од СДСМ, алармирале цело време.

„Нацр извештајот изразува загриженост дека судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и напорите за зајакнување на владеењето на правото и рамките за борба против корупцијата, не напредувале доволно. Ги повикува политичките чинители итно да се воздржат од политичко мешање во правосудството. Се нагласува важноста од независноста на судството, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, во согласност со препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Венецијанската комисија од 2023 година“, велат од СДСМ.

Понатаму, додаваат дека во извештајот се констатира, со загриженост, дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и дека таа останува распространета во многу области.

„Посебна загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик, за кои предупредуваше и СДСМ, а кои создаваат неказнивост за функционерите на власта. Се нагласува дека постои значителен и необјаснив јаз меѓу формално најавените истраги за корупција и судските утврдувања на вина во случаи на корупција на високо ниво. Се изразува загриженост и поради стратешкото преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски субјекти, со што се овозможува ширење на антиевропски наративи“, велат од СДСМ.

Од партијата велат дека со месеци зборуваат за медиумската мрежа на Орбан, која, како што тврдат, контролира 40% од медиумите во Македонија, како и за антиевропските кампањи, а сега и за медиумите на Вучиќ преку Euronews.

„Дезинформациите и странското влијание преку т.н. „српски свет“ се дел од овој антиевропски наратив што го води ВМРО на чело со Мицкоски, а кој е преземен по рецепт на Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО. Сега е сѐ сосема јасно. Не станува збор за никаква заштита на македонскиот национален идентитет од страна на Мицкоски, туку за заштита на неговата криминална моќ, односно на криминалната моќ на неговата група. Мицкоски не сака членство во ЕУ затоа што се плаши од одговорност. Нема реформи, нема напредок, има изолација. Затоа се води антиевропска кампања, затоа со лажни наративи се напаѓа СДСМ за предавство, само за да се спречи влезот на Македонија во Европската Унија. Додека регионот забрзува кон ЕУ – Македонија забрзува кон пропаст“, велат од СДСМ.

фото/Depositphotos

Текстот СДСМ: Нацрт-извештајот на ЕП ја потврди вистината – нема реформи, Мицкоски ја оддалечува Македонија од ЕУ е превземен од МАКФАКС.