Премиерот Христијан Мицкоски, како законски застапник на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е подготвен да се појави на суд по тужбата од поранешната обвинителка, Ленче Ристоска, за навреда и клевета во партиско соопштение. Одговарајќи на новинарски прашања денес во Владата Мицкоски рече дека ќе се појави на суд оти нема зошто да се крие.

„Се разбира дека ќе се појавам. Доколку сум слободен во тој период зошто да не, немам јас зошто да се кријам. Јас сум слободен граѓанин“, рече премиерот Мицкоски.

Ристоска со тужба бара вкупно 300.000 денари надомест, по 150 илјади денари за навреда и за клевета оти во партиско соопштение од 9 октомври минатата година беше критикувана дека примала бонуси додека државата „се гушела во неправда“.

Граѓанскиот суд го прифати предлогот на адвокатот на Ристоска во постапката исказ да даде Мицкоски, како законски застапник на партијата. Рочиштето е закажано за 9 октомври.

Текстот Мицкоски ќе се појави на суд по тужбата од Ристоска: Доколку сум слободен ќе се појавам, немам зошто да се кријам е превземен од МАКФАКС.