Македонскиот народен театар на 10 јуни ќе учествува на јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.

Претставата е дел од официјалната селекција на фестивалот и претставува современа сценска приказна за стравовите, осаменоста и неизвесноста на денешниот човек.

МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава одбележува шест децении постоење, е еден од најзначајните и најреномирани театарски фестивали во Македонија и регионот.

Фестивалот традиционално ги обединува најдобрите театарски продукции, афирмирајќи го современиот театарски израз и создавајќи простор за уметнички дијалог, критичка мисла и промоција на нови естетски вредности.

Учеството на МНТ во официјалната програма на јубилејното издание претставува значајно признание за претставата и потврда за нејзината актуелност и силна сценска порака.

По фестивалското учество во Прилеп, „Страв и надеж“ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар.

Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец – автор кој со својата хиперреалистична драматургија прецизно ги детектира општествените пукнатини на современиот човек – претставата тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, но дејството го поставува во денешницата.

Во време на војни, егзистенцијална несигурност, отуѓување и разорување на хуманистичките вредности, ликовите се движат низ свет во кој цивилизацијата опстојува на тенката линија помеѓу надежта и бездната.

Претставата е составена од петнаесет сцени во кои ликовите се соочуваат со пресудни мигови од животот – моменти на страв, осаменост, љубов, притисок и внатрешни судири. Низ жанровски разновидни ситуации, од хумористични до длабоко трагични, се отвораат прашања за човековата ранливост и за опстанокот во современото општество.

Во претставата настапуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Лола Кукла, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Корепетитор и пијано: Зоран Станишиќ; музички координатор и виолина: Стефан Котевски; кларинет: Никола Соколовски и кахон: Милена Наумовска.

Претставата својата премиерна изведба ја имаше на 22 април на сцената на МНТ.

Текстот „Страв и надеж“ на МНТ дел од јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ е превземен од МАКФАКС.